Мислење на граѓаните за негова работа ќе биде решавачки фактор од кој ќе зависи дали шефот на државата Стево Пендаровски повторно ќе се кандидира на наредните избори за претседателот на Македонија.
Тој во синоќешното интервју за емисијата „24 анализа“ рече дека за тоа е уште рано да се даде дефинитивен одговор. На прашањето дали ќе се кандидира и дека премиерот Димитар Ковачевски веќе најави победа на претседателските избори, тој одговори дека е најважнои мислењето на граѓаните.
-Немам разговарано со Ковачевски. Мојот стар, добро познат, одговор е кога ќе дојде време за тоа. Треба да се проценат шансите на секој од нас. Не сум од оние што само да се пријават па битно е да си во трка. Јас сакам да знам дали граѓаните имаат во мене доверба и дали ќе ми дадат доверба кога ќе дојде до тоа. И, се разбира, треба некој да те предложи, нема сам да се пријавам на шалтер. Ако СДСМ ме предложи, ќе речам благодарам, но за мене уште побитно е што мислат македонските граѓани за мојата работа. Ако тие немаат високо мислење, нема да учествувам, рече Пендаровски.
На прашањето дали влијание ќе имаат и рејтинзите меѓу граѓаните кои во моментот „не се сјајни“ шефот на државата одговори дека многу работи се менуваат.
-Не можам да кажам, тоа е шпекулативно прашање, има година и пол до изборите, многу работи се менуават, па и рејтинзите, рече тој.
Инаку, тој во истото интервју претседателот кажа и што мисли за условите во студентските домови во Скопје и дали би го пуштил своето дете таму да живее:
-Мојот син е втора година на факултет во Скопје и има каде да преспива, меѓутоа не би го пуштил. Условите во студентскиот дом „Стив Наумов” ги знам бидејќи 25 години живеам до тој дом. Беа грозни и одвратни уште тогаш, не гледам дека нешто суштински се променило, рече Пендаровски.
А што мисли за состојбата во државата која тој ја раководи, Пендаровски даде вакво објаснување пред три години:
-Да не бев претседател и самиот би се иселил од мојата држава, истакна тој.