По денешниот состанок во Скопје во рамки на процесот Брдо-Бриони македонскиот претседател Стево Пендаровски се осврна на проширувањето на ЕУ и Западен Балкан.
-Во изминатите три години имаме сериозен дисбаланс меѓу традиционалните критериуми за влез во ЕУ и надминување на билатералните спорови, бидејќи билатералниот спор со Бугарија за жал ја покри целокупната традиционална агенда за пристапување, истакна Пендаровски.
Тој на заедничката прес-конференција во Скопје со неговите колеги од Словенија и Хрватска, Наташа Пирц – Мусар и Зоран Милановиќ по состанокот во рамки на процесот Брдо-Бриони одговори на новинарско прашање во врска со тоа дали во однос на државите од Западен Балкан е поважно да ги решат чисто билатералните спорови, отколку да ги исполнат критериумите за членство содржани во поглавјата.
-Ако на Западен Балкан инстистираме најпрво да бидат решени чисто билатералните спорови и посебно ако тие се потпираат на историја и на емоции тогаш ниту еден од Западен Балкан нема да влезе во ЕУ, рече Пендаровски.
Но, од друга страна словенечката претседателка истакна дека е недвосмислено оти решавањето на билатералните спорови е во интерес на ЕУ, на пристапувањето во Унијата, но секако и во интерес на државите кои сакаат да станат членки. Сепак таа напомена дека не е приврзаник на одолговлекување на процесот за влез во ЕУ поради билатерални проблеми.