Пендаровски: Членството во ниту една меѓународна организација не е вредно ако бараат да се обезличите

Членството во ниту една меѓународна организација не е вредно ако од вас бараат да се обезличите и за тоа не треба референдум зашто резултатот е однапред познат, порача претседателот Стево Пендаровски во денешното годишно обраќање пред пратениците во македонскиот парламент.

Тој за вторпат се обраќа како шеф на државата, за првпат пред новиот парламентарен состав. Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на почетокот на обраќањето на Пендаровски излегоа пред говорницата со транспаренти против него, по што ја напуштија собраниската сала. А Пендаровски си продолжи со говорот.

-Во целокупниот македонски политички врв, во власта и во опозицијата, јас не познавам ниту еден кој е подготвен да тргува со најсветите работи за секој Македонец. Длабоко сум убеден дека ниту еден од денешната генерација политичари нема намера да разговара или да преговара за тие прашања и денес и во иднина затоа што нашите црвени линии одамна ги имаат утврдено оние кои ја направија оваа држава, во 1944 и тоа со државотворните акти на Првото заседание на АСНОМ, манифестот до македонскиот народ и Документот број 8, за воведување на македонскиот јазик како службен во македонската држава, рече Пендаровски.

Зборувајќи за пандемијата на корона вирус и нејзините последици по Македонија тој потенцира дека изминатава година, како народ, поминавме низ голема голгота каква што не паметат ниту нашите највозрасни граѓани.

Плативме огромна цена, над 2.100 наши сограѓани го изгубија својот живот, многу семејства останаа унесреќени за навек. Искажувам благодарност на лекарите, на медицинскиот персонал и на сите граѓани кои беа и сѐ уште се на првата линија на фронтот во борбата со пандемијата. Тие се вистинските херои на оваа 2020 која сосема неочекувано стана една од најтешките години од нашата независност, и кои секојдневно, на дело покажуваат дека хуманоста и солидарноста не се заборавени категории и дека децениите на тешко живеење и години на мачна транзиција не нѐ обесчовечија, за да заборавиме на страдањата на другите, рече Пендровски.

Тој истакна дека пандемијата требаше да биде момент на отрезнување за сите во државата и да доведе до сплотување на нацијата соочена со непознатиот противник.

– Во еден дел таа го постигна тоа, меѓутоа, за жал, во другиот, ги засили постоечките антагонизми, го зголеми јазот на поделби во општеството и исфрли на површина институционални слабости, што сѐ заедно, покрај здравствената и политичка криза, ја поткопа и економијата, која кон крајот на годинава и официјално влезе во рецесија, додаде претседателот.

Пендаровски најави дека прва и најважна задача што нѐ очекува како држава, веднаш по ставањето под контрола на пандемијата е да се направи длабинска анализа за функционирањето на нашиот правен, политички и економски поредок во изминатава година.

а извлечеме поуки и да ги поставиме на здрави основи сите делови од системот кои потфрлија, затоа што никој не знае дали некоја нова пандемија не нѐ чека веќе на следиот свиок на историјата, рече шефот на државата.

Пендаровски посочи дека на почетокот на следната година ќе иницира јавна дебата која треба да даде придонес за изработка на закони за воена и вонредна состојба и правна рамка за реформа на целокупниот систем на кризниот менаџмент.

Претходна вестПрофесорката Груевска-Маџоска: Какви глупости се прават во образованието, па основците во Финска учат историја како посебен предмет
Следна вестПратениците на ВМРО-ДПМНЕ го „покрија“ Пендаровски со транспаренти, а потоа го бојкотираа