Абдуљфета Алими, членот на собраниското обезбедување кој беше осуден за настаните од 27 април е помилуван од страна на претседателот на државата Стево Пендаровски. Нему казната му е намалена за осум месеци. Тој беше правосилно осуден на 6 години затвор за настаните од 27 април 2017 година затоа што му ги дал клучевите од собраниските врати на Горан Ѓошевски (началник на личното обезбедување на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски).
Во одлуката која што е објавена во „Службен весник“ е наведено дека покрај Алими се помилувани уште четири други лица. Потполно се ослободува од понатамошно извршување на казната затвор лицето Александар Петровски, а делумно се ослободуваат од издржување казна затвор уште лицата Неџмедин Матоши (4 месеци) Димитар Мишков (3 месеци) и Џафер Небија (5 месеци).
Според Кабинетот на претседателот, помилувањата се спроведени согласно со законска процедура, а сите лица кои се помилувани ги исполнуваат условите за такво нешто.
-Министерството за правда доставува предлози за помилување до Кабинетот на претседателот. Комисијата за помилување како работно тело на претседателот ги разгледува и проценува предметите и му доставува предлози на претседателот кои лица да бидат помилувани согласно законските основи. Помилуваните лица, за кои се објавени одлуките во Службен весник, се лица кои ги исполнуваат условите и за кои Комисијата дала позитивна препорака, велат од Кабинетот на претседателот.
Во април минатата година Пендаровски изјави дека не планира да даде помилување на осудените лица за настаните врзани со насилниот упад во Собранието на 27 април 2017 година. Претходно, во интервју за Канал 5 тој изјави дека „луѓето кои на 27 април влегле во Собранието не се терористи“.