Пендаровски и Заев пак повикаа на национално помирување, но придонесуваат ли за тоа?

 

Потребата од помирување и национално единство во Македонија е голема. Тоа го знаат и шефот на државата Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев. Често и повикуваат на обединување. Така направија и вчера при прославувањето на 80-годишнината од Денот на народното востание 11 Октомври.

-Преку граѓанско и национално помирување, преку владеење на правото и подигнување на квалитетот на животот, да ја вратиме надежта кај младите дека можат да се остварат тука, во својата татковина, порача Пендаровски во востанички Прилеп.

Премиерот Заев, пак, рече дека треба да се надминат поделбите.

– За остварување на наша цел имаме на кого да се угледаме На сите оние кои ни оставија аманет да се обединиме околу овие вредности и да ги надминеме поделбите, потенцира тој.

Така, со слични фрази беше и лани, така беше и по повод на прославата на Илинденот, така е во годишните обраќања и за време на други пригоди во кои двајцата високи функционери повикаа на надминување на поделбите во Македонија? Ама до посакуваното нацинално единство никако да се дојде. Грешат ли некаде двајцата лидери? Треба ли освен апели за единство и да сработат нешто што ќе го стимулира единството?

Едноставно, пораките за помирување и обединување се во ред, но прашањето е дали двајцата раководители и сами работат доволно за таа цел. Односно, дали даваат доволен придонес за надминување на длабоките поделби, на реваншизмите, маргинализирањето на оние што мислат спротивно на власта, игнорирање на мислењето на голем дел од населението… Сето ова е и натаму македонската пракса која што сега во време на изборната кампања уште повеќе се продлабочува.

Впрочем, може ли во една пригода да повикуваш на заедништво, а во друга да кажуваш и правиш работи со кои не се согласува огромен дел од македонскиот народ? Може ли се да тераш по свое, а потоа да бараш единство?

Како ќе си одговорат на овие дилеми Заев и Пендаровски ќе видиме до наредниот празник кога сигурно (како по навика) пак ќе апелираат на национално единство.

 

Претходна вестКамчев останува во притвор во Шутка, одлучи Апелација
Следна вестЗаев нема да поднесе оставка ако СДСМ има полош резултат од локалните во 2017