Пендаровски: Именувањето установи според докажан соработник на фашистичкиот режим не служи на добрососедството

Именувањето на установи од областа на културата според докажан соработник на фашистичкиот режим од Втората светска војна не и служи на благородна кауза, став е на македонскиот претседател Стево Пендаровски. Тој го соопшти својот став за отворањето на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола, во кој наведува дека иако отворањето културни центри насекаде во демократскиот свет е чекор кон зближување на народите и нивните култури.

– Не спорејќи ја добрата намера на премиерот Петков, вчера во Битола во составот на бугарската делегација беа и двајца претставници на поранешната власт во Софија кои беа најгласни противници на македонскиот пат кон Европа. Со самото нивно присуство и изјави беа минимизирани пораките за добрососедство и соработка кои беа испратени од бугарскиот премиер, наведува Пендаровски.

Во својот став тој наведува дека „во 2017 година, идејата да се формира комисија составена од историчари беше да се најде компромис за историските настани и личности кои треба да бидат заеднички чествувани и од македонскиот и од бугарскиот народ“.

– За жал, вчера во Битола беше направен обид еден докажан соработник на хитлеровиот нацистички режим да биде претставен како мост на зближување меѓу двете држави. Сигурен сум дека ниту македонскиот, ниту бугарскиот народ сметаат дека ликот и (не)делото на Ванчо Михајлов можат да придонесат во таа насока, наведува претседателот Стево Пендаровски во својот став по повод отворањето на клубот на бугарското здружение во Битола „Ванчо Михајлов“, на кое присуствуваа бугарскиот премиер Кирил Петков, шефицата на дипломатијата Теодора Генчовска и потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова.

Претходна вест89 нови случаи на Ковид-19, не се регистрирани починати лица
Следна вестБугарската потпретседателка Јотова: Ние немаме малцинства во наша земја, па ни македонско