Актуелниот претседател на Македонија, Стево Пендаровски ја најави кандидатурата за втор мандат и ги повика сите граѓани да дадат поддршка со потпишување во канцелариите на Државната изборна комисија.
– Добив поддршка од луѓе кои ме познаваат, кои и не ме познаваат, од професори и јавни личности, да им се заблагодарам за довербата која ја имаат кон мене. Во недела очекувам СДСМ да ја официјализира својата поддршка за мојата кандидатура. Од понеделник ќе имам средби со сите партии од нивната коалиција. Во мојот прв мандат станавме членка на НАТО, а очекувам во вториот мандат да станеме членка на ЕУ. Јас сум Македонец, меѓутоа не постои единствен случај кога моето етничко потекло било причина да фаворизирам или да деградирам. Во изминатите пет години покажав дека претседателот може да биде независен од било кои центри на политичка или економска моќ вклучително и во однос на оние кои го поддржале. Во нашата земја не постои човек или партија која може да каже дека ги контролира или диригира моите одлуки, кажа Пендаровски.
Во однос на меѓуетничките односи и евроатлантските интеграции, Пендаровски ги повтори своите ставови дека Рамковниот договор, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија биле придобивка за граѓаните и за државата.
– Договорoт со Бугарија не беше спорен три години, но стана проблем кога Бугарија под притисок на комунистичката стара гарда почна да измислува причини за блокада кои во самиот договор ги нема. Тезите дека некој ќе ја промени преговарачката рамка и дека ќе направи подобар договор со ЕУ се политичка фатаморгана, додаде тој.