Нашите политичари не разбираат дека не се обврзани постојано да зборуваат Северна Македонија; Северна Македонија, изјави денеска шефот на државата Стево Пендаровски. Во настапот во утринската емисија на телевизија Сител „Ја сакам Македонија“ шефот на државата објасни дека тоа е погрешно читање на Преспанскиот договор и дек аслободно може да се користи само темринот Македонија.
Во емисијата, водителот кажа дека по големиот успех за државата со приемот во НАТО дојде по еден голем пораз – промена на името и врзано со тоа го праша Пендаровски кој е неговиот став во однос на употребата на името на државата бидејќи граѓаните никако да го прифатат името Северна Македонија, а политичките лидери имаат таа моќ во една реченица да кажат и по 12 пати Северна Македонија.
На ова Пендаровски одговори:
-Не сите политичари. Не знам дали заблежувате не само денес туку и во други пригоди јас многу ретко го употребувам тоа име. Граѓаните, а за жал и политичарите во еден добар дел не разбираат дека ние тука додека разговараме, не сме обврзани. Дури и јас кој имам официјален капацитет – Претседател на држава, немаме обврска да кажуваме 12 или колку и да е пати Северна Македонија. Кога пишувам писмо до други институции во странство или до наши институции тука, ние мора да имаме заглавие Северна Македонија. За жал, тоа е договорот. Во се друго јас не сум обврзан да повторувам како папагал Северна, Северна, Северна Македонија…Знам дека секој од нас има кнедла за тоа. Не ме бендисува ова што го кажувате, тоа го забележувам кај многумина од 2018 година по секоја цена да се повторува Северна мислејќи дека некој однадвор ќе те казни. Нема казна.
Водителот дополнително праша дали е тоа контрауслуга на самиот договор бидејќи како да се создава револт кај граѓаните кои никогаш нема да го прифатат новото име.
Пендаровски се согласи дека граѓаните нема да го прифатат новото име.
-Нема да го прифатат. Гледајте, ние сега збориме за 91 година. По 91 година започна една интересна пракса кај политичарите. Тогаш за првпат почнавме со директни преноси на парламентот и почнаа сите како папагали да повторуваат Република Македонија, Република Македонија. Нема потреба од Република. Зборувам за говорењето. Се знае каде треба да се напише официјалното име на државата. Ова што го зборам не е да ја иритирам Грција и меѓународна заедница. Ви кажувам како е објективното читање на тој фамозен Преспански договор. Не сте обврзани дома со сопругите да кажувате Северна, Северна… За жал, нашите политичари тоа не го разбираат. И не верувам дека тоа намерно го прават за да иритираат граѓаните туку така го разбираат тој договор. По моја интерпретација не го разбираат. Приватните медиуми немаат обврска да користат Северна, државните медиуми мораат. Границата на разликува кога мора Северна во официјална комуникација, а кога не мора е дали примате пари од државниот буџет, дали сте буџетар. Ако сте буџетар – обврзани сте, ако не – немате потреба, рече шефот на државата.