Пендаровски: Немаме потреба од нов Устав и нови договори, туку да ги завршиме обврските и да станеме членка на ЕУ

Северна Македонија ја позициониравме во НАТО и тоа е најголем успех после независноста. Ги започнавме и преговорите за членството во ЕУ. Ние немаме потреба од нов Устав и нови договори. Имаме потреба да ги завршиме обврските и за четири до пет години да станеме членка на ЕУ, каде што одамна заслужуваме да бидеме, порача вечерва претседателскиот кандидат Стево Пендаровски за време на синоќешниот митинг во Бутел.

Пендаровски укаже дека со заеднички сили се направени неколку работи, кои ниту една политичка гарнитура во минатото не ги имаше направено.

-Пред четири години ја позициониравме Северна Македонија во членство во НАТО Алијансата, што е најголем успех по мое длабоко уверување после независноста, 8 септември 1991 година. Многу држави декларираат независност, меѓутоа само малкумина имаат таква гаранција како што може да ви пружи НАТО Алијансата, каде што членуваат освен нас, 31 друга држава, каде што се најсилните армии, најмоќните економии и најмоќните демократии, рече Пендаровски.

Тој потенцираше дека со членството во НАТО имаме гаранција за територијалниот интегритет и суверенитет, како и за поединечната безбедност на секој граѓанин. Исто така, потсети, ги започнаа и преговорите за членството во ЕУ.

-Направивме договор со нашиот источен сосед и со Брисел, со што се гарантира македонскиот идентитет и македонскиот јазик и го почнавме процесот кој го чекавме од 2005 година. Покажавме дека кога се има политичка визија, кога се има храброст, кога не се размислува за личниот рејтинг и популарноста, туку се води сметка за идните генерации, тогаш може да се постигнуваат успеси, додаде Пендаровски.

Пендаровски, во однос на понудата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да коалицира со Левица и ЗНАМ е демократски избор секој да коалицира со кого сака, но, како што рече, понудата за коалицирање со неговата партија, уште на првиот ден од кампањата за парламентарни избори, покажува дека тој бара помош.

-Ние среде кампања не бараме помош од пријател. Мене ми се чини дека тоа е јасен знак на слабост, затоа што господинот Мицкоски знае што го очекува на 24 април и на 8 мај. Инаку зошто би барал помош од страна?, рече Пендаровски.

Според Пендаровски, патот кон ЕУ е единствениот вистински исправен пат, кој нема да не врати назад во балканската неизвесност.

Претходна вестСилјановска – Давкова: Пендаровски на многу закони не стави вето, време е граѓаните да му стават нему вето!
Следна вестФилмот на Цветановски со награда за најдобар филм во Калифорнија