Никаде во Договорот од 2017 година нема ниту една единствена буква, а не член, не пасус, не преамбула, каков било дел, кој зборува дека ние треба да дебатираме во рамки на билатералните разговори за етничкото потекло на нас, Македонците, изјави вчера Стево Пендаровски, претседател на државата во интервјуто за австриската ОРФ ТВ.
Во интервјуто тој оценува дека бугарските барања се спротивни на европските вредности и оти воопшто не се содржани во Договорот за добрососедство потпишан во 2017 година.
-Нема ниту една единствена буква, дел, член, што било кој вели дека ние мораме да преговараме со бугарската страна за тоа дали јазикот на кој сега зборувам е македонски или не, нагласува Пендаровски.
Според него, истата политичка структура во Софија која го потпишала Договорот за добрососедство и која тогаш велела дека тоа е добар договор, сега со последните барања излегува од параметрите на тој Договор. Тој потенцира дека не може држава од позиција на земја – членка на Унијата да наметнува услови и да кажува како треба да се чита историјата и да се исполнува нешто што воопшто не е дел од Договорот.
– Вие не може да обвинувате дека не го почитуваме Договорот, а во исто време да додавате барања кои, освен што излегуваат од здравиот разум и одат наспроти базичните демократски вредности, просто не се содржани во Договорот, истакна Пендаровски.
Тој вели дека е легитимно тоа што Бугарија сака да ги заштити правата на оние граѓани во Македонија кои се декларираат како Бугари, но, како што вели, го одрекува правото на оние кои сакаат да се декларираат како Македонци, а живеат на бугарска територија.