Очекување дека ќе победи на претседателските избори во вториот изборен круг, искажа денеска Стево Пендаровски, актуелниот шеф на државата и претседателски кандидат. На отворањето на неговиот изборен штаб во центарот на Скопје тој рече дека во првиот круг гласовите ќе се поделат. Неговиот слоган во кампањата е „Нашиот претседател“.
-Очекувам дека во првиот круг, бидејќи има многу кандидати како никогаш досега во македонската историја, гласовите да се поделат на неколку страни и не очекувам дека има некој било каква шанса да добие во првиот круг, меѓутоа во вториот круг очекувам да влезам и да ги добијам изборите, рече тој.
Пендаровски, на првиот ден од кампањата за избор на претседател, најави дека до крајот на првиот круг, планирано е да посети 65 населени места во сите изборни единици и во сите општини во Македонија.
-Некој ќе рече дека можеби преголемо претставување од моја страна не е потребно бидејќи зад себе има петгодишен мандат и македонските граѓани многу добро знаат за што сум се залагал, за што сум бил против, што сум поддржувал и отприлика знаат кој политички профил може да го очекуваат и во наредните пет години, ако ми ја дадат довербата,додаде Пендаровски.
По промовирањето на изборниот штаб, Пендаровски, кој е поддржан од СДСМ и коалицијата, според најавите, попладне во 17:30 часот го започнува својот изборен караван со почетна точка на движење од Кривогаштани, потоа ќе замине за Крушево, а во 20:30 часот ќе биде во Прилеп.