Пендаровски: Очекувам да ги добијам изборите во вториот изборен круг

Очекување дека ќе победи на претседателските избори во вториот изборен круг, искажа денеска Стево Пендаровски, актуелниот шеф на државата и претседателски кандидат. На отворањето на неговиот изборен штаб во центарот на Скопје тој рече дека во првиот круг гласовите ќе се поделат. Неговиот слоган во кампањата е „Нашиот претседател“.

-Очекувам дека во првиот круг, бидејќи има многу кандидати како никогаш досега во македонската историја, гласовите да се поделат на неколку страни и не очекувам дека има некој било каква шанса да добие во првиот круг, меѓутоа во вториот круг очекувам да влезам и да ги добијам изборите, рече тој.

Пендаровски, на првиот ден од кампањата за избор на претседател, најави дека до крајот на првиот круг, планирано е да посети 65 населени места во сите изборни единици и во сите општини во Македонија.

-Некој ќе рече дека можеби преголемо претставување од моја страна не е потребно бидејќи зад себе има петгодишен мандат и македонските граѓани многу добро знаат за што сум се залагал, за што сум бил против, што сум поддржувал и отприлика знаат кој политички профил може да го очекуваат и во наредните пет години, ако ми ја дадат довербата,додаде Пендаровски.

По промовирањето на изборниот штаб, Пендаровски, кој е поддржан од СДСМ и коалицијата, според најавите, попладне во 17:30 часот го започнува својот изборен караван со почетна точка на движење од Кривогаштани, потоа ќе замине за Крушево, а во 20:30 часот ќе биде во Прилеп.

Претходна вестНародниот правобранител отвори бесплатна телефонска линија за пријавување повреда на избирачкото право
Следна вестВо Луна паркот има рингишпил каде се вртат празните ветувања на скопските градоначалници?