Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ е единствениот кандидат за претседател на државата, кој наместо потребните граѓански потписи до Државната изборна комисија со својата кандидатура достави потписи од пратеници, укажувата денеска од тимот на претседателот Стево Пендаровски.
Во соопштението се додава дека пред само две недели ВМРО-ДПМНЕ се фалеше дека за Гордана Силјановска – Давкова се потпишале најмногу граѓани, се споменуваа бројки од 20.000, 25.000 потписи па и повеќе.
-Но на крајот, кандидатурата на Силјановска Давкова беше поткрепена само со триесеттина потписи на пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Зошто се одлучија за ваков потег? Дали на денот на собирање на потписите излажаа за вкупниот број на собрани потписи? Дали на списоците можеби имало преклопување на одреден број потписи, едните депонирани во нотарски канцеларии а другите во подрачни одделенија на ДИК? На крајот, дали конечниот број на потписи не само што не е драстично поголем, туку и е помал од бројот на собрани потписи од страна на Стево Пендаровски? Одговор за ова треба да дадат Гордана Силјановска – Давкова и ВМРО- ДПМНЕ, се потенцира во соопштението.
Од тимот на Пендаровски додаваат дека доставувањето на пратеничките потписи покажа две работи.
-Првата е дека Силјановска – Давкова не е натпартиски кандидат, туку единствено кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и второ, дека Давкова и ВМРО-ДПМНЕ излажаа десетици илјадници граѓани кои со часови чекаа да се потпишат, а нивните потписи наместо за поддршка на кандидатурата, отидоа во ѓубре, се наведува во соопштението од тимот на Пендаровски.
Според официјалните податоци на ДИК за собраните потписи до 9 март, Стево Пендаровски од СДСМ обезбедил 22.412 потписи, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ со обезбедени 28.086 граѓански потписи, Бујар Османи од ДУИ со 11.085 потписи, Максим Димитриевски од ЗНАМ со 11.605 потписи, Билјана Ванковска од Левица, која обезбеди 10.559 потписи, Стевчо Јакимовски од ГРОМ со 11.290 потписи и Арбен Таравари од здружената албанска опозиција со 10.710 потписи за поддршка.
Изборната кампања ќе започне на 4 април и ќе трае до 22 април на полноќ.