По кратко затишје кога во Македонија не доаѓаа често ЕУ-бирократи, од синоќа во земјава е претседателката на Европската Комисија Урсула Фон дер Лајен. Претходно, во Скопје се изнаредија еден куп на функционери на ЕУ или од земји членки на Унијата се со цел да ни кажат дека многу не сакаат и сакаат да бидеме заедно, ама и дека Уставот треба да се смени.
Сега е најавено дека теми на разговор на Фон дер Лајен со македонскиот државен врв ќе бидат – процесот на пристапните преговори на земјава за членство во Европската Унија, за актуелните политички случувања во Македонија и тековните состојби во регионот.
Таа веќе имаше средба со шефот на државата Стево Пендаровски. На средбата како што беше соопштено биле разменети информации за натамошните фази во преговорите по завршување на скриниг процесот и за динамиката на спроведување на реформите.
-Претседателот Пендаровски се заблагодари за поддршката и посветеноста од ЕУ на политиката на проширување и интеграција на земјите од Западен Балкан. На средбата беа разменети мислења за стратешката важност од спроведување на измените на Уставот и натамошните импликации врз европската перспектива на земјава, соопшти Кабинетот на Пендаровски.
Што ќе и каже премиерот Димитар Ковачевски кој денеска треба да се сретне со високата гостинка од ЕУ уште не е познато.
Инаку, Фон дер Лајен објави своја порака на социјална мрежа Икс (Твитер):
-Како што Северна Македонија напредува во реформите, така го трасира својот пат кон ЕУ. Со нетрпение очекуваме да ви посакаме добредојде вам, на вашиот посебен идентитет и на вашиот јазик, македонскиот јазик, наведе таа.
Изјави дека со нетрпение не очекуваат во ЕУ, досега (цела година и повеќе) слушнавме и од многу други ЕУ-бирократи. Останува да се види дали овојпат освен што ни кажаа и ќе ни покажат дека е така.
Фото: Архива