Пензионерите не престануваат да протестираат. Имаат свои барања: Минималната пензија да биде 18.000 денари, линеарно зголемување на пензиите за 3.500 денари, зголемување на надоместоците. Ова го истакнаа пензионерите кои протестираа пред Министерството за труд и социјална политика.
-Врз основа на укажаната потреба за помош на пензионерите бараме: Владата да го почитува Законот за усогласување објавен од ДЗС, плус да даде линеарно зголемување од 3.500 денари на основицата на пензијата и одредување на минимална пензија од 18.000 денари. Сојузот на здруженија на пензионери веднаш да се укине бидејќи не ги застапува интересите на пензионерите. Да се укине членарината, нашата членарина, која ја плаќаме по 30 денари и за солидарен погреб 150 денари, значи ни земаат 180 денари. Ако нѐ поддржува Фондот за пензионери, ќе го префрлиме кај нив, рече пензионерка од Прилеп.
Пензионерите се пожалија дека со ниските пензии тешко е да се живее, примањата не стигнуваат ни за сметки, но нема да отстапат од нивните барања. Драган Угриновски oд иницијативниот одбор, до министерката Тренчевска порача дека е избрана да работи во интерес на граѓаните.
-Пензионерите не се дојдени од што им е добро, туку бидејќи им е лошо. Министерке вие сте избрани да работите во интерес на граѓаните, а не само за лични интереси. На вас не ви е лошо со зголемувањето на платата од 78 проценти. Овие пензионери кои се дојдени гладуваат. Пензионерот треба да има достоен живот. Работел и придонесувал за државата, а сега кога сме во пензија уште малку ни преостанува во овој свет заслужуваме достоинствен живот, рече тој, пренесува Макфакс.
Пензионерите денешниот протест го почнаа пред Сојузот на здружението на пензионери од каде побараа оставка од раководството.