Перински: Арсовска дојде без план, не слушнавме никакви конструктивни предлози

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, треба до крајот на оваа недела да состави план којшто ќе биде презентиран пред советниците во рамки на Советот на Град Скопје, информираше министерот за локана самоуправа, Златко Перински, на прес-конференција во Владата по средбата на премиерот Христијан Мицкоски со Арсовска.

Тој, меѓудругото, кажа дека на денешниот состанок не слушнале ништо конструктивно од градоначалничката во однос на решавањето на проблемите со Јавното комунално претпријатие и Јавно сообраќајно претпријатие.

– Практично можам да кажам дека уште позагрижени сме сега, отколку пред да почне состанокот. На кратко, нашите очекувања како Влада беа дека од страна на Градот ќе слушнеме некаков план или некакви реални потреби кои што ќе можеме ние како Влада да помогнеме за тој план да се реализира. Но, од нивна страна не слушнавме ништо конструктивно, рече министерот на прес-конференција во владата по состанокот.

Дополни дека како генерален заклучок е немањето комуникација помеѓу советничките групи во рамки на Градот Скопје што, како што дополни, е една фаза од препреките за реализација на проектите од страна на Градот.

– Затоа градоначалничката предложи до крајот на оваа недела да состави некаков план кој што пред се ќе биде презентиран пред советниците во рамки на Советот на Град Скопје, иако нашите очекувања не се големи, морам да признам, за жал, дополни тој.

Министерот Перински рече дека ќе го почекаат предлогот до крајот на неделата и врз основа на тој предлог план ќе носат заклучоци.

Претходна вестЕдно лице повредено во пукање во населба Ченто
Следна вестЃорческа загуби во првото квалификациско коло на УС Опен