Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, ја осуди воената агресија на Русија во Украина, истакнувајќи дека македонските граѓани се солидарни со Украинците.
Петровска и американската амбасадорка, Кејт Мари Брнс денеска беа во касарната „Илинден“, каде го поздравија завршувањето на заедничката обука на поморските специјални сили на САД, ренџерскиот баталјон и баталјонот за специјални сили на Армијата на Република Северна Македонија.
-Ова го покажува нашето силно заедништво и сојузништво, што е особено важно сега кога Русија грубо го нападна територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.
Остро ја осудуваме воената агресија на Русија врз Украина и стоиме единствени со сојузниците во НАТО во повикот кон Русија да прекине со воените дејствија кои се закана за безбедноста на Европа. Македонските граѓани стојат во солидарност со граѓаните на Украина, рече Петровска.
Министерката додаде дека безбедноста на нашата земја е гарантирана, а јавноста треба да биде сигурна дека државниот врв будно ги следи состојбите и ги превзема сите мерки за гаранција на безбедноста.
Претседателот на државата попладнево го свика Националниот совет за безбедност на кој ќе се расправа за актуелната состојба во Украина.