С Македонија не размислува за враќање на задолжителниот воен рок, изјави Славјанка Петровска, министерка за одбрана. Во интервју за државата агенција МИА, по завршувањето на состанокот на Северноатлантскиот совет на НАТО на ниво министри за одбрана, таа рече дека за тоа не постојат објективни причини.
-Првенствено немаме зголемена безбедносна закана, за да го враќаме служењето на воениот рок. Тоа ќе значи вложување на многу дополнителни финансиски средства и, што е уште поважно, тоа ќе значи дека младите од 18 години нема да можат да бидат активни на пазарот на труд во тој период, ниту пак да го продолжат навремено образовниот процес, рече Петровска.
Најава за враќање на задолжителното служење на воениот рок неодамна стаса од соседна Србија, а за тоа се размислува и во Хрватска. Одлуката за ова во овие држави ќе биде донесена со следниве месеци.
Според министерката, професионалната армија е тоа што го држи квалитетот на Армијата. Капацитетите на македонската армија, како што вели Петровска, се градат во континуитет, а резултатите се видливи преку нејзиното учество во вежби и меѓународни мисии.
-Концептот на доброволно служење на воениот рок го напуштивме некаде 2005-2006 година и лично, ако јас се прашувам и како граѓанин, меѓутоа и како министер за одбрана, ќе кажам дека тоа е една од подобрите одлуки кои биле донесени во развојот на македонската Армија, вели министерката за одбрана.
Министерката вели дека и денес постои можноста за Доброволно служење на воен рок која речиси и да не се користи од страна на младите граѓани, како и дека во процедура веќе е пуштен концептот за резервен состав на армиските сили.