Пациент од струмичко е хоспитализиран на Инфективната клиника поради компликации од вирусната западнонилска треска, која ја пренесуваат комарци, објави „Сител“. Тој е петтиот случај на заразен од оваа болест кој е регистриран во земјава. 62-годишниот човек бил упатен на клиниката од страна на неговиот матичен лекар. При прегледот, пациентот бил во лоша здравствена состојба и имал и невролошки симптоми.
-Нема податок дали патувал надвор од Македонија. Сомневано е за централно засегање, невролошко. Добиен е резултат за вест најл позитивен резултат и од ликвор и од серум. Во моментот пациентот е подобар, има разбистрување на свеста, но нормално, се уште е во тек лекувањето, изјави за Сител директорот на Инфективна, д-р Фадил Цана.
Неодамна, од западнонилска треска починал 78-годишен маж од Чешиново-Облешево.
Од почетокот на годината досега во Институтот за јавно здравје биле извршени вкупно 30 тестирања за западнонилска треска, од кои кај четири лица е потврдено дека се позитивни на вирусот.
Две од лицата кај кои било потврдено присуство на вирусот патувале во странство, додека другите двајца, меѓу кои и пензионерот од Чешиново-Облешево, во епидемиолошката анкета рекле дека не патувале никаде.