Пиколомини пред 334 години даде наредба да се запали Скопје, но градот феникс пак се издигна од пепелта

Скопје е простран град, не многу помал од Прага или колку неа. Го најдов напуштен, без скапоцености, богато снабден со производи. Малкуте луѓе што останале, исплашено врват по улиците. Жал ми е што зградите, какви што досега не сум видел, џамиите од најубав мермер и украси од злато на кои и во Рим би им посветил внимание, убавите старини и градини, морам да му ги предадам на пламенот… Ваков запис зад себе оставил во октомвриските денови во 1689 година тогашниот австрискиот генерал Силвио Пиколомини чиешто име во историјатот на македонската метропола се врзува за најголемиот палеж на градот. Тогаш, од 25-ти до 27-ми октомври, тој дал наредба градот да биде запален за да австриската војска којашто навлегла во градот по судирите со турската војска се спаси од епидемијата на смртоносната чума. Со тоа Скопје, кое дотогаш било град во голем подем, доживеало невидено уништување и кое оставило големи последици по градот.

Сето ова имаше и своја предисторија од која се дознава дека по битката со австриската војска кај Ниш во 1689 година, турската војска се повлекла кон Софија, Косово и Скопје каде се сместиле околу 40.000 турски војници. Делот од австриската војска којшто го предводел Пиколомини тргнал кон Скопје и по што се создала паника во редовите на турската војска и масовно напуштање на градот. Во хаосот кој следувал по нападот, Отоманците имале околу 100 мртви и околу 200 заробени војници, а скопските жители не го дочекале исходот од битката, туку започнале да бегаат од градот уште пред да попушти османлиската одбрана на градот.

Набрзо потоа, во градот се избувнува и епидемија на чума и по што Пиколомини наредил градот да се запали за да се сопре болеста. На 25 октомври 1689 Скопје било запалено и горело два дена при што пожарот уништил речиси се’ што било вредно. Останале само градбите од камен, Калето, неколку џамии, црквите „Свети Димитрија“ и „Свети Спас“ и големиот Карван-Сарај… Но, епидемијата не сопрела. Дури и самиот генерал Пиколомини се заразил и набрзо умрел.

Околу мотивите на Пиколомини за палежот постојат и други приказни. Едни извори тврдат дека причината за палежот била и одмазда на Австријците за опсадата на Виена во 1683 година. Има верзија и дека Пиколомини се разлутил што го нашол градот целосно евакуиран и напуштен, дури и мислел дека се работи за некаква заседа…

По пожарот, Скопје кое во тоа време бил развиен град и најголем трговски центар на Балканот, цели два века подоцна не можело да се опорави од трагедијата. Од 60.000 жители, бројот на населението по пожарот се намалил на 10.000. Градот се обновувал мошне бавно и не можел да го врати стариот сјај и значењето од 17 век. Во следните 200 години бил мал и непознат град, се’ до средината на 19 век кога повторно се вратила трговијата, занаетчиството и почнале да се градат нови објекти. Во обновата и развојот многу помогнала и изградбата на пругата Белград-Солун во 1873 година, која поминувала низ Скопје.

Така се создавала и приказната за Скопје како Град-Феникс, кој повторно се крева од својата пепел, од своите урнатини коишто ќе ги доживее и со катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Тоа е приказна за градот кој повторно се возобновува и развива, станува уште поголем и помоќен, преставува центар на целата држава, модерен, урбан, град кој полека но сигурно заличува на светска метропола…

Претходна вестНапаѓачот во Ист гејт седел во обложувалница пред да пука
Следна вестСкопјанка дала 15.000 евра за операција на нејзиниот син, потоа сфатила дека е измамена