Колумна на Никола Тасев:
Се сеќавате ли на онаа фамозна фотка кога Заев бакнуваше пенкало? А пред тоа и кажуваше дека пенкало во 2016. сруши режим! Леле колку беше благодарен на пенкалото… арно ама, во неделата во Македонија пак се активираше пенкалото. Овој пат Заев не сака ни да го види, а не да го бакнува. Едноставно пенкалото овој пат беше во раката на народот и писма напиша до Заев, до министрите, до неговите градоначалници. Писмата ги добија, ги прочитаа (верувам по неколкупати), но дали ги разбраа?
Македонија на Заев му напиша: „Зоране ти беше дадена огромна шанса од државата да направиш пристојно место за живеење, но ја оплеска. Народот од тебе очекуваше искреност и посветеност, а ти ги „избања” со празни ветувања, лажење и подлажување. И најстрашно од се, не го почитуваше мислењето на народот, како она на референдумот за името. Твоите функционери повеќе мислеа на тендерчиња и од каде да „лапнат” некоја државна паричка, наместо да се посветат на работата. Народот очекуваше и ЕУ и НАТО, но таму да влезат со гордост, со заштитени национални интереси, наместо да се коленичи пред секој бриселски дипломат, прифаќајќи се што ќе понудат тие како „одлично решение за Македонија”.
Писмото е подолго, ама да не го пренесувам во целост оти има и по некои непристојни-подиректни зборови упатени до Заев, но да напоменам дека го потсетуваат оти на народот му вети и развој, инвестиции, пристојни работни места, повисоки плати, подобар стандард… За жал, стои во писмото, развојот го имаше само на владините прес-конференции, инвеститорите како „ѓавол од крст” бегаа или ја заобиколуваа државата, работните места младите, наместо дома, ги наоѓаа во странство, повисоките плати останаа само во сферата на статистичка манипулација, а подобриот стандард се уште е утопија.
Граѓаните очекуваа дека ќе се искорени корупцијата, но таа уште повеќе ја задуши државата. Автопатишта, улици, железници, спортски центри, паркови и други капитални проекти се градеа само на телевизиски емисии и во предизборните спотови, а граѓаните не ги видоа во живо.
Интересен детал во писмото е дека народот од Заев бара да престане да ја задолжува државата, особено по изборното писмо.
„Да не ти текнало да правиш екскурзии со непотребни активности, да ветуваш и да отпочнуваш големи проекти, да преговараш по клучни национални прашање, за да го подлажуваш народот и да мислиш дека во тоа е спасот. Почекај комплетно да завршат изборите, слушни убаво и до крај што имаат да ти порачаат гласачите, па тогаш ќе ти стане појасно што ти всушност треба да направиш.”
Слично е писмото и до министрите, оние истите што вечерта по првиот изборен круг, со кисели насмевки, се обидуваа пред јавноста да негираат дека воопшто има писмо.
Македонија ним им порача: „Да не ви ни паднало на памет, сега, пред вториот изборен круг да расфрлате пари, па под маската на некаква владина финансиска помош да ги корумпирате гласачите. И стопирајте со задолжувањето, не се трпи веќе.”
Писменце стигна и до градоначалниците: „Џабе ви беше градежната офанзива во последните месеци пред изборите, кога три ипол години дремевте во канцеларии и ништо од ветеното не остваривте. Народ тоа го гледаше и трпеше. Беше излажан, го заборавивте, но пенкалцето силно го стискаше во рака и го чекаше овој момент – да ви напише нешто. Оние што останавте во игра и за втор круг, ни на памет да не ви текнало сега да раскопувате улица и да ставате темелници, да влегувате во мегаломански проекти, само за да покажете дека нешто работите. А Петре да олабави малку со брзиот автобуски транспорт – скопјани порачаа дека не го сакаат тоа. Нека запре и со избрзаното купување на нова Градска куќа, сега за време на избори. Остави Петре новата градска власт да решава за тоа.”
Македонија се подготвува за две недели да напише уште едно писмо. Подраматично, доколку не го сфатат првото. И наместо Заев да се потсмева со „кочи Мицко“, Македонија нему и на неговите им порачува: кочи Зоране, кочи Мила, кочи Венко, кочи Петре… до тука беше!