Писмо на Котлар до амбасадорката на САД: Немојте да ни нудите нешто што е против самите нас

Позната македонска историчарка Наташа Котлар пред неколку часа и напиша преку фејсбук кратко писмо на американската амбасадорка во Македонија. Повод за пишувањето е отвореното писмо на амбасарорката Кејт Мари Брзн упатено до македонската јавност во кое меѓу другото се наведува: „Донесовте тешки одлуки со очекувања за напредок. Сега треба да донесете уште една. Токму заради предизвиците со кои се соочивте и оние со кои може да се соочите во иднина, САД ве охрабруваат да продолжите по тој пат со сегашниот предлог за пристапување во ЕУ“.

Одговорот – реакцијата на професорката Котлар ви го пренесуваме во целост:

Почитувана госпоѓо Брнз!

И ние Македонците отворено ви одговараме дека нашата земја не е „Вашата земја“, туку е МАКЕДОНИЈА! „Северна“ знаете и самите дека е резултат на нелегални и нелегитимни, политички постаки, на странски и домашни фактори!

Добивме октроирана власт, која ја погази граѓанската волја за непромена на ИМЕТО, беа донесени (не)уставни амандмани, доживеавме кршење на човековите права, видовме политичка и лична дрскост.

Република Македонија институционално е нападната, на нејзината територија има власт која само се представува од името на државата „Република Северна Македонија“. Но, македонската држава е резултат на антифашистичката борба на македонскиот народ и на другите народности, кои не стрепеа да му се спротивстават на фашизмот, кој зачекори минатиот век и направи пустош во светската цивилизација. Затоа АСНОМ, ние го браниме и го чуваме, а вие како гостинка (стратешка) треба да го почитувате!

Затоа, немојте да ни нудите нешто што е против самите нас и нашата душа и да ни го претставувате, како т е х н и к а во политичката комуникација и однесување. И самите знаете, дека не е така!

А, ние сме доволно писмени и разумни, да согледаме што претставува овој „француско-бугарски“ предлог! Тој претставува физичко и духовно убиство на Македонците и на нивната опстојба. Ние мора да се избориме за нас самите, немојте да не браните! Ве потсетуваме дека од почетокот на овој 21-ви век ние, Македоците, преживуваме, Херкуловски преминуваме низ многу „стратешки, добронамерни“ договори, преговори, ултиматуми – мистификации од највисок ред, демагогија, внатрешни драмолетки и меѓународни сценски настапи закитени со признанија за ѓоа „мир и безбедост“! Козеријава добива катастрофални размери! Убаво напишал своевремено, нашиот поет, кодификатор на македонскиот јазик и академик Блаже Конески: „како се измеша веков, косата да ти се крене!… Како да не бидам тажен штом гледам што е нашево сега, нашено минато“. Затоа, госпоѓо ние се бориме за нашите, македонски интереси – да сме свои на своето, туѓото не ни треба, но нашето не го даваме, ни за „отварање на преговори“ со ЕУ за членство!

Тука сме родени, ќе умреме тука!, напиша професорката Наташа Котлар.

Претходна вестЌе го пере ли Пендаровски срамот на ЕУ?
Следна вестПриведени двајца криумчари, превезувале 87 мигранти