Многу млади Македонци низ историјата го дадоа животот за слободата на својот народ. На таквите херои треба на се потсетуваме, треба да им оддадеме почит.
Денеска се поклонуваме на јунакот Христијан Тодоровски – Карпош. Револуционер, партизан кој без страв или резерва јуришал кон окупаторите на Македонија во Втората Светска Војна. На денешен ден во 1921 година тој е роден во Куманово.
На почетокот на НОБ другарите од партизанскиот одред го прашале храбриот Христијан каков ќе му биде псевдонимот – тој го одбрал Карпош по Петар Карпош – предводникот на големото македонско востание од 1689 година.
Иако многу млад тој бил истакнат организатор на Народноослободителната антифашистичка војска на Македонија. Бил член на Козјачкиот партизански одред од 12 октомври 1941 година и член на партизанскиот штаб од Куманово. На 26 јуни 1943 година станал командант на Кумановскиот партизански одред, кој постепено нараснувал и на 1 декември 1943 година бил официјално преименуван во Прв кумановски баталјон „Јордан Николов – Орце“.
Неговата подготвеност за борба и акција немала граници. Но, во една пресметка со бугарската окупаторска војска тој загинува на 7 февруари 1944 година.
Поминати се 80 години од неговото херојско погибие, но народот не го заборава неговото ослободително дело. Во негова чест се испеани и неколку партизански песни, а Ацо Шопов му посветил и две песни од својата стихозбирка „Песни“ од 1944 година
– Пламен е Карпош – век го не држи,
дружина води – врагој решети…, стои во една од песните.
Скопската општина Карпош, го добила името во негова чест.