Во домашен притвор од денеска ќе оди Бојан Јовановски – Боки 13 откако Апелациониот суд ја уважил неговата жалба аргументирана со лошата здравствена состојба. Тој веќе 15 месеци беше притворен во истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари откако е затворен и суден во случајот „Рекет“.
Кривичниот суд Скопје потврди дека таквата одлука е донесена од повисоката судска инстанца.
-Апелациониот суд Скопје до Основниот кривичен суд Скопје достави решение КОКЖ – 68/20 со кое жалбата на обвинетиот Б.Ј., осуден со првостепена пресуда по предметот КОК бр. 116/19 во јавноста познат како „Рекет“, изјавена преку неговиот бранител, се уважува. Решението на првостепениот суд се преиначува на начин што се укинува мерката притвор према обвинетиот Б.Ј. и се определува мерка куќен притвор, информираа од Кривичниот суд.
Јовановски во случајот „Рекет“ беше осуден на 9-годишна затворска казна, а му се суди и за случајот „Меѓународен сојуз“. Последното рочиште за овој случај беше одложено бидјеќи тој бил пренесен и згрижен во универзитетската клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“.