По 23 дена, ОЈО го доби извештајот од полицискиот увид во тетовската модуларна болница

Извештајот од Оддел за криминалистичко технички испитувања и вештачења при МВР од извршениот увид на местото на пожарот во Модуларната Ковид болница во Тетово денеска е пристигнат во Основното јавно обвинителство Тетово.

Како што информираат од ОЈО, извештајот ќе биде разгледан и анализиран од страна на обвинителите, а се очекува да пристигнат и извештаите и податоците за кои обвинителството има издадено наредби и насоки.

– Дејствијата за утврдување на причините за настанатиот пожар кои ги преземаат петмината обвинители континуирано се одвиваат. Во момeнтов се врши сослушување на членови на Комисии за импелементација, следење и технички прием на модуларните монтажни контејнери, кои биле со решение формирани од Министерството за труд и социјална политика, се вели во соопштението.

Од извештајот за причините за избувнувањето на пожарот на 8 септември во модуларната ковид- болница во Тетово во кој животот го загубија 14 лица, ќе зависи и одлуката на премиерот Зоран Заев, за понудените оставки од министерот за здравство Венко Филипче, заменик-министерот Илир Хасани и двајцата директори на тетовската болница.

Премиерот Заев, денеска рече дека форензичките извештаи и анализите на вештачењето за пожарот во модуларната болница во Тетово се при крај и ќе бидат објавени наскоро.

-Ред е да се објави тој извештај за да можам и јас да го кажам својот став по повод понудените оставки од министерот, заменик-министерот…., рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање.

Во истрагата, покрај домашните истражни органи, се вклучија и германски експерти.

Претходна вестГо погодиле со воздушна пушка додека возел велосипед во Центар
Следна вест15 починати, од кои 12 во изминатите 24 часа – уште 412 нови заразени