Македонија сама – преку своите партизани во текот на 1944 година се ослободи од окупацијата во Втората Светска Војна. Но тоа не значело и крај на борбените дејствија на македонските единици во текот на војна. Борците биле исправени пред нови предизвици, учество во завршните операции за ослободување на Југославија и во конечната победа против фашизмот.
На денешен ден во 1945 година се случил пробојот на Сремскиот фронт каде било најголемото воено боиште на територијата на поренешна Југославија во текот на војната. Целта била една, да се пробие одбрамбената линија која што на ова подрачје ја создале германските фашистички сили и нивните соработници, се со цел да се попречи падот на Берлин и победата на антифашистичката коалиција во која биле и Македонците.
Во триумфот и пробојот на Сремскиот фронт голем придонес дале и македонските партизани организирани во рамките на Петнаесеттиот македонски ударен корпус кој броел околу 15.400 борци и старешини.
На испраќањето на Корпусот на Сремски фронт претходат бурни случувања во редовите на македонските партизани. Во неделата, на Божик, 7 јануари 1945 година, стотина војници, повеќето припадници на Првиот дивизион на артилериската бригада, со оружје во рака се симнале од Калето и преку Камениот мост стигнале пред Офицерскиот дом, каде побарале да им се обрати командантот на Главниот штаб, генералот Михајло Апостолски. По патот тие носеле транспаренти и извикувале пароли од типот: „Не сакаме на Срем, сакаме на Солун” и слично. Истовремено, се слушале и извици за поддршка на македонската војска и нејзиниот командант. Во таква атмосфера, пред побунетите војници се обратил генералот Апостолски, кој побарал војниците да ги следат неговите наредби и да се вратат во касарните. Војниците го послушале својот командант и се вратиле во касарните.
Во наредните денови, повеќето актери во овие настани биле уапсени и сослушани од страна на Службата за државна безбедност (ОЗНА), а дел од нив завршиле и во притвор. По извршената истрага, 38 офицери и војници биле изведени пред Воениот областен суд во Скопје и обвинети за организирање и поттикнување на бунт. Првично, Воениот суд осудил 12 обвинети лица на смртна казна, а 23 биле осудени на условни и временски казни. Сепак, во понатамошните судски постапки кои следеле, казните на сите осудени им биле значително намалени, а дел биле и помилувани. Со тоа, не била извршена ниту една смртна казна. Најтешко засегнатите завршиле со затворски казни во траење од неколку години.
По овој настан, составот на 15-тиот корпус се нашол на позициите на Сремскиот фронт каде од другата страна биле стационирани околу 250.000 германски војници, а по повлекувањето на армиската група Е од Грција, оваа бројка нараснала на близу 450.000. Наспроти нив, на почетокот, НОВ на Југославија броела околу 600.000 борци и старешини. Оваа бројка, во текот на пробивот и во завршните операции се зголемила на над 800 000 војници под оружје.
Главната офанзива за пробив на Сремскиот фронтот започнала на 12 април 1945 година, скоро 6 месеци по неговото воспоставување. Тој ден, единиците на Југословенската армија преминале во фронтален напад и по дводневни жестоки борби успеале ја пробијат германската одбрана на линијата меѓу градот Шид и вливот на реката Драва во Сава. Воените дејства, со несмалена жестина, продолжиле и во деновите по пробивот на фронтот. Во наредниот период, повеќе од еден месец, силите на југословенската војска, по целата линија на фронтот, тргнале во прогон на разбиените германски единици и нивните сојузници, кои забрзано се повлекувале кон север.
Инаку, македонските партизани во првите денови од пробојот воделе тешките борби, кога биле дадени и најголемиот број жртви. Во многу тешки околности, пробивајќи се под жесток оган и низ мински полиња, во текот на два дена (12 и 13 април), единиците успеале да ја пробијат одбранбената линија, а потоа и да ги ослободат градовите: Товарник, Винковци, Илинце, Шид, Шидски Бановци и другите помали места. Жестоките борби продолжиле непрекинато до средината на мај 1945 година. Во текот на овие борби, македонските единици учествувале и во ослободувањето на градовите: Ѓаково, Врпоље и Славонска Пожега. По успешно изведената офанзива, на 8 мај 1945, единиците на 42-та македонска дивизија влегле во Сесвете, во предградието на Загреб. Истиот ден, биле ослободени Загреб и Љубљана.
Точниот број на жртви на Сремскиот фронт и во завршните операции за ослободување на Југославија е многу тешко да се утврди. На разни места се среќаваат различни податоци. Југословенската историографија од комунистичкиот период оперира со бројка од околу 13.500 загинати војници на југословенската армија.
Истото може да се каже и кога станува збор за борците од Македонија. Според расположливите податоци, низ единиците на 15- от македонски корпус, на Сремскиот фронт и во завршните операции за ослободување на Југославија продефилирале повеќе од 24.000 борци и старешини. Од нив, бројките зборуваат за 1.674 загинати војници, 3.400 ранети и повеќе од 378 исчезнати.
-Сремскиот фронт? Тоа беше ужас. Тоа беше трагедија“, запишано е сеќавање на Методија Конески, учесник во НОБ и на Сремскиот фронт, од Митралеска чета на Втората ударна бригада, 48-ма дивизија.