По една деценија вратени 20 украдени македонски икони откриени во Албанија

По една деценија дваесет икони откриени во Албанија, а кои биле украдени од повеќе макеоднски православни цркви, се вратени во Македонија. Примопредавањето е направено во Тирана, при средбата на македонската министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска со нејзината колешка од Република Албанија, Елва Маргарити. Се работи за вредни икони, главно, од Струшкиот Регион, кои беа случајно препознаени преку албанските медиуми од македонските експерти во 2013 година.

-Успешната соработка е потврда за пријателството и довербата што ги негуваме како министерства за култура на Северна Македонија и на Албанија, посочи Костадиновска-Стојчевска, потенцирајќи ги добрата волја и посветеноста од двете страни за заштита и промоција на заедничките културни обележја.

Таа им се заблагодари на албанските институции и служби кои ги запленија овие вредни дела, а крадците ги соочија со правдата.

На средбата, пак, албанската министерка Маргарити истакна дека соработката ќе продолжи.

-Ќе продолжиме со зацврстување на соработката меѓу нашите две земји во областа на културата, зачувувањето на наследството и бескомпромисната борба против нелегалното движење на нашето материјално културно богатство, рече таа.

Како што посочуваат од Министерството за култура, во наредниот период, во Музејот на Македонија ќе се изврши процес на нивна заштита, по што ќе бидат изложени, а потоа и вратени на Македонската православна црква.

Инаку, меѓу 20-те украдени икони, е и иконата на Дичо Зограф, еден од најпознатите иконо и фрескосликари на Балканот во 19 век. Дел од иконите се украдени од црквата „Св. Атанасиј“ во Ресен, пет икони од црквата „Св. Богородица“ во селото Ѓавато, исто толку од црквата „Св. Атанасиј“ во Струга, три икони од црквата „Св. Никола“ во селото Радожда и три од црквата „Св. Богородица“ во Струга.

Според најавите, освен овие 20 икони, во музеите во Албанија идентификувани се уште 37 за кои исто така ќе почне процедура за враќање во земјава.

Претходна вестЛазаров повика 19 ракометари на подготовките за ЕП во Германија
Следна вестКонтролори на летање најавуваат: Ако не бидат повлечени огласите за вработување ќе има штрајк