По изборите сите ќе сме богати

-Повелете, што сакате…?

-Го сакаме она што го посакуваме наназад 30 години – подобар живот, поголеми плати и пензии, безбедност, помалку корупција…

-Па, нашата изборна програма токму тоа Ви го гарантира… само гласајте за нас и готова е работава – се што посакавте ќе добиете…

По се што видовме во предкампањата, вака изгледа „дијалогот“ на граѓаните и на политичките партии. Инаку, овој „дијалог“ е некако срочен во поразумни рамки, оти партиите сега ветуваат повеќе и од што бараат граѓаните на Македонија.

Ако до сега бевме изненадувани и шокирани од ветувања од типот дека ќе дојде „милијарда долари од Тајван“, дека „во секое семејство ќе има по еден вработен“, „дека во Скопје ќе има бесплатен јавен градски превоз“… сега како да се оди многу многу подалеку.

Сега на пример ни гарантираат дека економијата годишно ќе расте по стапката од 5,1 процент, дека во наредните четири одини просечната плата ќе достигне 1.100 евра, а минималната 600, дека минималната пензија ќе биде 20.000 денари, дека во земјоделството финансиска поддршка ќе изнесува 1,35 милијарди евра, дека за капиталните инвестиции ќе се потрошат 3,5 милијарди евра…  Други ветуваат  капитални инвестиции од 3 милијарди евра, 800 милиони евра за земјоделието, 5.000 денари поголема пензија за сите пензионери во рок од една година, намалување на невработеноста на 7,5 отсто, по 50 милиони евра како поддршка за културата и за спортот…

Едноставно, се ветува огромни пари. Се редат цифри…

Едноставно, штом изборите ќе завршат, која и да политичка групација победи, во земјава ќе се случи пресврт, ќе настане благосостојба.

Секако, ако секој ден е 1-ви Април.

ПС. Се надеваме во кампањата ќе има повеќе реалност, повеќе темелни објаснувања од каде ќе се најдат парите и на пример да се објасни – ако се ветува дека лекарите ќе имаат европски плати – зошто до сега не им дадоа, а беа власт? И, не е лошо да се објасни – зошто старите ветувања не се исполнија.

 

Претходна вестТројца дрвокрадци фатени со трактори на лице место
Следна вест„Денови на македонската литература“ на Филолошкиот факултет при УКИМ