По каква математика на Грција и било кажано дека со пасошите ќе се заврши до 12 февруари?

На наметнатото менување на личните документи сега се наметна и неизвесност – како огромен дел од македонските граѓани ќе патуваат во странство по 12 февруари? Не постои можност тие да ги сменат личните документи до тој рок, а за тоа немаат вина.

Долгите редици, чекањето со часови и часови, нервози, понижувањата на граѓаните… ќе продолжат пред пунктовите на МВР. Сето ова можеше да се одбегне доколку имало подобро планирање на целиот процес или барем се послушаа оние што на време опоменаа. 

Но, тие што биле одговорни, почнувајќи од доскорешниот министер за внатрешни работи, па до други функционери надлежни за ултимативното променување на документите, цело време тврдеа дека процесот на замената оди добро и дека до 12-ти февруари тој ќе биде и успешно завршен. Такви тврдења дури и биле кажувани и на грчката амбасадорка во земјава, а што покажува дека поради тоа уште пред повеќе месеци воопшто и не се размислувало да се побара согласност од Грција за продолжувањето на рокот за замената. Така, новиот технички министер за внатрешни работи Панче Тошковски синоќа откри дека грчка амбасадорка отворено му кажала дека и било кажувано дека „нема да има проблеми со рокот“.   

д страна на амбасадорката ми беше соопштено дека од страна на нашите институции во повеќе наврати е наговестено дека нема да го имаме овој проблем којшто го имаме, дека нема да го имаме овој хаос кој се случува и е факт дека е секојдневие и дека ќе се ублажела постапката на издавање на пасоши во иднина заради тоа што веќе се издале еден милион и двеста и педесет илјади. Ама што правиме со останатите еден милион и двеста и педесет илјади што треба да се издадат?, рече Тошковски зборувајќи за својата вчерашна средба со грчката амбасадорка Софија Филипиду.

А дека било така, дека такви убедувања добиваше и македонската јавност доволно е да се видат изјавите кои уште во средина на минатата година ги даваше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Досега документи со името Северна Македонија извадиле околу еден милион граѓани. Според динамиката што ја имаме, успешно ќе се завршат сите промените на личните документи во предвидениот рок. Многу помогна тоа што за првпат имаме базни станици во дипломатско-конзуларните претставништва. Наредниве денови имаме одредени предлози кои што ќе помогнат во релаксирање на целиот тој систем, изјавуваше во август лани министерот за внатрешни работи Спасовски.

Но, уште тогаш многумина добронамерници и два – три медиуми, кои не се гребатори на власта, предупредуваа дека менувањето на личните документи нема да може да заврши до 12 февруари. Но, во МВР и Владата беа глуви.

Дури по неколку месеци од полицијата решија да отворат пункт без закажување, да се работи во саботите и неделите…, но сето тоа, очигледно, не е доволно и беше задоцнето. Ако се јавите за редовен термин во МВР, ќе ви закажат за во есен. Апсурди!

Да поeдноставиме: До сега се сменети само 1,25 милион пасоши. А се проценува дека македонски патни исправи имаат околу 2,5 милиони граѓани сосе оние во дијаспората. Сами пресметајте колку луѓе по две недели не ќе може да патуваат никаде во странство. За нивна промена ако нешто радикално не се преземе ќе требаат месеци и месеци. Граѓани веќе поднесуваат преставки за нанесената неправда.

Сето ова можеше да се одбегне доколку имаше подобро планирање, а не на јавноста, па дури и на Грција, да и се кажува дека се си тече според планот.

Чудна математика и логика имало претходното раководство на МВР. Резултатот од таа новоизмислена равенка ќе го платат граѓаните.

Претходна вестОбвинителство со детали за „Онкологија“: Осомничени пет лица, требувана вишок терапија на име на пациентите…
Следна вестЛевица: 5.000 работници во РЕК би можеле да останат без работа