Нова агонија со исушувањето доживува Преспанското езеро. По летното намалување на ионака значително намалениот водостој, сега водата се повлекува и во текот на овој есенско-зимскиот период. На тоа предупредуваат и бројните граѓани, како оние кои го посетиле Езерото така и самите жители на крајбрежните населби.
Весникот „Македонско ехо“ во последниот број го објави писмото на граѓанинот Драган П. од Велес кој сака да алармира на лошата состојба на ова езеро кога деновиве таму претестојувал.
-Во споредба со летните месеци нивото на водата сега е опаднато за нови околу 50-60 сантиметри во висина. А тоа значи дека и водата е многу повлечена. Ако и сега, во текот на зимскиот период, Езерото со повлекува и има се помлаку вода, тогаш, што ќе остане за летните месеци кога исушувањето е уште поголемо и кога воопшто нема да има врнежи? Со ова сакам повторно да алармирам на овој проблем, напиша овој граѓанин.
Дека состојбата е загрижувачка ни потврди и жител на Царев двор Митко Тасевски кој секојдневно е на езерото.
-Состојбата е навистина лоша, и тоа сега во зимскиот период. Во Крани водата сега е повлечена за нови двесетина метри од брегот, во Коњско за околу два метри, се зависно од конфигурацијата на езерската почва. Сега барем се потврдува дека наводнувањерто од страна на земјоделците не е причина за намалувањето на водата оти сега никој не наводнува, ни рече тој.
Слики од повлечената вода се споделуваат и на социјална мрежа Фејсбук при што предизвикуваат реакции на граѓаните.
-Жално, никој ништо не презема, се се уништува, коментира една граѓанка.
Водостојот на Преспанското езеро веќе значително се намали во текот на летните месеци кога повлекувањето почна уште во текот на мај а што не беше случај во претходните години.
Жителите од Преспа се уште чекаат нешто да почне да се презема за спас на Езерото.
-Чекаме оти ако не се преземе ништо ќе ни се исуши езерото пред нашите очи. Постојано слушаме како има состаноци на таа тема но нема ништо конкретно, ни вели Тасевски.
Уште се чека на некакви ефекти од меѓудржавната комисија составена од претставниците на Македонија, Грција и Албанија кои со години се договараат за начинот на кој ќе соработуваат во заштитата на заедничкото езеро. Годинава се најави и некаква помош од Европската унија но се се знае дали е дојдена и што ќе се прави со неа.
Но, додека да почне нешто да се прави водата и натаму исчезнува. Ќе се преземе ли нешто во наредните месеци? Ако Езерото во вајва состојба ја дочека летната сезона, катастрофата ќе биде неминовна.
Фото: Фејсбук