По шест месеци од најавата, изгласано намалувањето на коефициентите на функционерските плати

По најавите дадени уште пред шест месеци во македонскиот парламент денеска се изгласани законски промени со кои се намалуваат коефицентите со кои се врши пресметување на платите на функционерите во земјава. На денешната седница во законодавниот дом пратениците со 70 гласа „за“, ги изгласаа шесте закони со кои се намалува коефициентот за покачување на платите на функционерите. Изменети се 6 закони: Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица, Законот за пратениците, Законот за платите на членовите на Советот на јавни обвинители, Закон за платите на судиите,  Закон за платите на јавните обвинители и Закон за платите на членовите на Судскиот совет.

Предлогот го поднесе пратеничката група на СДСМ од каде рекоа дека со измените, платите на функционерите кои лани без зголемени за 78 проценти сега нема да пораснат со порастот на просечната плата во овој период. Според усвоените промени, најголемиот коефициент 4,5, според кој се пресметува платата на претседателот, премиерот и спикерот на Собранието, ќе се намали на 3,92. Коефициентот за пратениците беше 3,5, а отсега ќе биде 3,04. Градоначалничката на Скопје земаше плата според коефициент од 3,7, кој сега е намален на 3,22, а ист коефициент има и државниот јавен обвинител. Претседателот на Судски совет имаше коефициент 4, отсега ќе има 3,7. За минимален износ се намалени сите коефициенти и тие сега изнесуваат од 1,91 до 3,92.

Познато е, платата на функционерите се формира така што основицата која ја претставува просечната плата во минатата година се множи со коефициентот. Во 2022 година просечната плата беше 31.859 денари, а во 2023 година е 36.614 денари. Доколку не се намалија коефициентите повеќе од илјада функционери ќе добија покачување од по 300-400 евра. Вака, зголемувањето им изнесува од 500 до 2.000 денари.

 

Претходна вестКанческа-Милевска ,,куртули” – застаре случајот „Тендери“ на поранешното СЈО
Следна вестЏо Бајден доби лекарско уверение дека е здрав, активен…