По три дена полицијата успеала да го уапси крадецот на 24 стебла на марихуана од просториите на полициската станица во Гевгелија. Секторот за внатрешни работи Струмица- Одделение за внатрешни работи Гевгелија, до Основното јавно обвинителство Гевгелија, поднесе кривична пријава против Г.Ј.(34) од Гевгелија. Постојат основи на сомнение дека тој сторил три кривични дела: „тешка кражба“ „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ и „загрозување на сигурноста“.
-Пријавениот, на 29.11.2020 во периодот од 03.30 до 04.00 часот со употреба на сила влегол во просториите на Отсекот за крим-техника при ОВР Гевгелија и одзел 24 суви растенија Canabis sativa и спакуван материјал за вештачење во вреќа во која имало пластични шишиња од течно ѓубриво, две пластични туби, нож и 25 врвови од 25 растенија Canabis sativa, се наведува во соопштението на полциијата.
На 30.11.2020, по овластување на Јавен обвинител од ОЈО Гевгелија, увид на местото извршила увидна екипа од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гевгелија, по што се преземени соодветни мерки за откривање на сторителот.
– На 03.12.2020, врз основа на судска наредба, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот во Гевгелија, при што биле пронајдени одземените предмети. За време на претресот пријавениот се однесувал агресивно и се заканувал на полициските службеници. Тој бил лишен од слобода и задржан во Полициската станица Гевгелија, наведува полицијата.