Аеродром има дрворед од исушени зимзелени садници. „Убаво“ изгледа. Се зборува дека наскоро ќе доаѓаат и туристи од странство да го видат новиот еколошки и естетски зафат во „најурбанизираната“ скопска општина.
А пред десетина месеци беше најавено дека ќе биде зелено долж новореконструираната улица „Васко Карангелески“. Многу фалби стигнаа и од Град Скопје и од Општина Аеродром. Сепак, сега голем дел од вкупно 825 садници кои што минатата година беа насадени по завршетокот на реконструкцијата на улицата долга околу километар, веќе се целосно исушени – пожолтени. Причината, сигурно, треба да се бара како во исклучително жешкото време но, уште повеќе, во негрижата за нивното полевање со вода во овој критичен период.
Парадоксот да биде поголем, дрворедот со исушените стебла се наоѓа на само десетина метри од големата фонтана направена пред девет години и во која има вода. Се разбира, фонтаната не е наменета за полевање на дрворедот, но ако за таму има вода, зошто нема за дрвцата?
Да, има предвидено и постои некој систем „капка по капка“ ама ги нема капките, на терен се само цревата.
Ќе се реагира ли побрзо за барем преостанатите зимзелени садници да се спасат?
Или, пак можеби е најдобро решение да се насадат пластични борчиња? Така Аеродром пак ќе биде атрактивен за туристите оти ќе има уникатен дрворед.