Побегнал од прилепски затвор, ограбил хотел во Скопје и со спреј го испрскал обезбедувањето

Затвореник побегнал од прилепскиот затвор, ограбил хотел, со спреј го испрскал обезбедувањето на хотелот па бегал со такси. Тој бил уапсен од полицијата кај Градежниот факултет во Скопје.

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка и предложи мерка притвор за 38-годишен скопјанец, осомничен за кривично дело – тешка кражба. Обвинителството информира дека осомничениот е претходно повеќепати осудуван за истородни и други кривични дела и се наоѓал на издржување затворска казна во КПУ Затвор Прилеп, но побегнал и од 5 јули по него била распишана потерница.

– На 8 јули во вечерните часови влегол во службени простории на хотел во Скопје. Од хотелот тој успеал да украде метален сеф заклучен со шифра, а во кој имало парични средства во износ од околу 1400 евра, како и клучеви од хотелот, неколку сим картички како и пет патни исправи на гости сместени во хотелот. Вкупната вредност на одземените предмети се проценува на околу 100.000 денари. Потоа го напуштил местото на настанот, но се вратил следниот ден и кога се приближил до службениот паркинг, му пристапиле членови на обезбедувањето на  хотелот. Осомничениот со спреј за самоодбрана ги испрскал во очите и веднаш почнал да бега, влегувајќи во такси возило. Возилото било пријавено и сопрено од полициски службеници кај Градежен факултет Скопје, по што пријавениот бил лишен од слобода, соопшти Обвинителството.

Во конкретниот случај според јавниот обвинител постојат околности што очигледно укажуваат на опасност од бегство, па до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје тој достави предлог за определување мерка притвор.

Претходна вестВо Македонија лани имало 794 милиони долари странски инвестиции
Следна вестДенеска од 18.30 часот посебен режим на сообраќај во Скопје