Во месноста Богословец, во околината на Свети Николе, денеска се одржа волонтерска акција за пошумување опожарени површини „Боренка“, во организација на Сојузот на извидниците на Македонија, на која учествуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Во рамките на акцијата беа засадени 5.000 садници од видовите бор, даб и багрем. Учествуваа деца волонтери од СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“, ООУ „11 Октомври“ и ООУ „Димитар Миладинов“, извидници од Свети Николе и Штип, како и волонтери од Волонтерскиот центар – Скопје, вработени во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и ЈП „Национални шуми“.
-Кога се нарушува шумскиот биодиверзитет, се нарушува животот на сите шумски жители. Тоа ја потенцира одговорноста што ја имаме ние како институции, но и секој од нас лично. Токму затоа зелената транзиција е една од нашите цели, а пошумувањето е на врвот на листата на приоритети. Затоа минатата година проектиравме пошумување на речиси 600 хектари со над 1.200.000 садници од разни шумски видови. И ова е остварено, остана уште мал дел да се реализра со пролетното пошумување, кое веќе тече на локации во Кавадарци, Радовиш, Свети Николе, Пехчево, Берово, Делчево, Велес. Со исти планови продолжуваме и во 2024 година, изјави Николовски.
Една од целите на Министерството, според информацијата од МЗШВ, е и подигање на јавната свест за значењето на шумите.
Добро да ги информираме граѓаните дека со нелегалното купување дрва од дрвокрадци тие ги поддржуваат нив, ги мотивираат уште повеќе нелегално да сечат дрва, а со тоа несвесно помагаат во уништувањето на шумите, велат од оваа институција.
За таа цел, Министерството ја поддржа и кампањата против нелегална сеча на дрво – „Не сечи ја мојата иднина! СТОП за дрвокрадството“. Ова е национална кампања што ја спроведува здружението на граѓани „Регионален центар за шумарство и рурален развој“ – РЕФОРД.