По кусо боледување денеска почина Менде Младеновски (1955-2024), долгогодишен новинар и главен и одговорен уредник на „Битолски весник“. Младеновски беше и управител на радиото „Б-97“.
Се занимаваше и со публицистика. Меѓу неговите најпознати дела е книгата за авторот на песната „Битола мој роден крај“ Ајри Демировски, а своето искуство го сподели и во „Од мој агол“, „Во мое име“, „Поводи“.
Менде Младеновски беше долгогодишен битолски дописник на „Нова Македонија“, а соработуваше и со други медиуми на национално ниво . Секогаш се залагаше за почитување на највисоките професионални стандарди во новинарската професија и тоа најригорозно го применуваше додека го уредуваше најстариот весник во државата “Битолски весник”.
Добитник е на многу новинарски награди, за истражувачко новинарство, како најдобар дописник, а доби и награди од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).
Остана активен во новинарството и по заминувањето во пензија. Беше и организатор на манифестацијата „Најуспешни битолчани“.
За својата новинарска посветеност и професионализам добитник е на бројни награди признанија.