Почна да се гради градинката во скопската населба Пролет

Камен-темелник на прва градинка во скопската населба Пролет е поставен денеска од страна на министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Проектот е целосна инвестиција на Општина Центар, во износ од 154.243.997 денари, односно, околу 2,5 милиони евра. Новата градинка ќе има подрумски простори, приземје и еден кат со капацитет за згрижување 150 дечиња во девет занимални. На површина од 3.276 метри квадратни, оваа градинка ќе биде една од најголемите детски градинки во државата.

-Во градинката имаме надворешно игралиште до кое можат да пристапат и деца со попреченост, ќе биде изграден и лифт за лица со инвадилитет и попреченост во движење. Особено важно е што градинката ќе располага со просторија за лекар, со изолација за дете и просторија за стручни соработници. Предвидена е изградба на кујна само за потребите на градинката, со што децата ќе добиваат свежо приготвена и здрава храна, изјави денеска Герасимовски.

Министерката Тренчевска најави дека до крајот на годината предвидено е отворање на уште 13 објекти на територија на цела држава со опфат за околу 1.360 деца и дополнително 15 градинки коишто се во тек и кои ќе бидат отворени во текот на 2023 година со вкупен капацитет од 1.905 деца.

-Од 2017 година до денес само на територија на градот Скопје се отворени 17 нови детски градинки, а до крајот на годината е предвидено отворање на уште четири објекти во општина Ѓорче Петров, Карпош, Аеродром и општина Сопиште, а градинките во општина Чаир и Арачиново коишто се во тек на градба ќе бидат отворени во текот на 2023 година“, соопшти Тренчевска и додаде дека со новите градинки, бројот на децата коишто ќе бидат опфатени во предучилишното образование ќе се зголеми, особено на територија на град Скопје каде што има дефицит од градинки.

Претходна вестСкопјани пијат безбедна вода
Следна вестФранцускиот предлог ќе оди директно на пленарна собраниска седница, датумот не е определен