Утрово почна спроведување на пописот во Македонија. Оваа статистичка операција во која ќе се попише населението, домаќинствата и становите ќе трае до 30 септември. До тогаш ќе трае и онлајн пописот на дијаспората.
Дали ќе биде се како што треба? Дали ќе се добијат вистинските бројки при попишувањето? Ова се прашањата кои најчесто ги поставуваше јавноста во изминатиот период со оглед на пандемијата, но и мешањето на политиката во оваа статистичка операција.
Надлежните уверуваат дека се е подготвено и дека операцијата ќе биде безбедна со оглед на тоа што се спроведува во услови на пандемија на Ковид-19 и тоа во четвртиот бран, кога изминатиов период бележиме зголемување на бројот на заразени. Велат пописот ќе се спроведе безбедно со почитување на здравствените протоколи.
Сепак дел од граѓаните стравуваат за своето здравје и тоа го искажуваат на социјалните мрежи.
– Мене најблиските не ми дошле дома затоа што така не учеа од министарството за здравство, а сега попишувачи треба да примам без да сум бил загрижен. Нема логика, е еден од многуте коментари.
Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски вчера ги повика граѓаните да ги примат попишувачите.
-Сите подготовки се завршени. Комисите на пописните региони заедно со нашите државни инструктори успешно ги завршија обуките на реонските инструктори и попишувачи и денеска се излезени на терен во обиколка на своите пописни кругови, истакна Симовски.
Министерот за правда Бојан Маричиќ порача дека пописот ќе се спроведе безбедно и оти попишувачите се обврзани доследно да ги почитуваат протоколите.
-Не постои никаква шанса за ширење на заразата. Попишувањето ќе биде безбедно, со најдобра технологија, брзо и ефикасно и инклузивно на сите јазици, кои се говорат во Република Северна Македонија. Никој да не биде изоставен и сите да земат учество за да ја добиеме реалната слика, нагласи Маричиќ.
Токму околу реалната слика се вторите дилеми на дел од јавноста. Во изминатиот период партии излегуваа со ставови колкави треба да се бројките на населението како и на процентите на застапеаност на етничките заеници што е крајно непримерно.
Инаку, околу мерките за теренското попишување нагласено е дека се предвидуваат и задолжително носење заштитна маска (КН95) во домаќинствата и за целото времетраење на попишувањето, задолжително одржување на пропишаната дистанца од 1,5-2 метри, забрана за вадење, поместување и менување на заштитната маска за цело времетраење на попишувањето во домот.
Протоколот содржи и забрана за пиење и јадење за цело времетраење на попишувањето во домот, предвидено е користење на средства за дезинфекција на рацете пред влегувањето и по излегувањето од домаќинството, надворешна дезинфекција на лап-топот пред влегувањето и по излегувањето од домаќинството, пред влегување во домаќинството задолжително попишувачот да стави каљачи на обувките.
Инаку, во Македонија по 20 години се спроведува попис.