Почна првата фаза од пописот, ќе има ли бојкот?

Од денеска почнува првата фаза на пописот на населението во Македонија. Ова ќе покаже и дали ќе има бојкот од страна на граѓаните бидејќи опозицијата е незадоволна и смета дека тој е веќе политички договорен меѓу лидерите на владеачките партии СДСМ и на ДУИ.

Со првата фаза од пописот ќе бидат опфатени дијаспората, армијата, дипломатските претставништва, бездомниците и затворениците. Попишувањето на дијаспората ќе трае до 21 април, а нашите сонародници во странство ќе можат да се попишат преку посебна интернет апликација која ќе биде достапна исклучиво од странство.

-Секој наш државјанин во странство ќе може лесно да ја пополни за многу кусо време, а единствениот услов е да се најави со својата е-маил адреса. Апликацијата е наменета исклучиво за самопопишување од странство, што значи пристапот од наша земја оневозможен, истакна Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика.

Од друга страна, пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски вчера истакна дека власта не е подготвена за да го спроведе пописот. Посочи дека во време на пандемија и без вакцини, власта на мускули турка попис и го загрозува здравјето на граѓаните.

-ВМРО-ДПМНЕ отвори една граѓанска иницијатива за собирање на потписи и последната информација е дека се собрани 100 илјади потписи. Тие се потписи против нерегуларен попис. Сите сме за да има статистички попис, но не да биде истиот политичка операција во којашто владините функционери ќе се наддаваат со проценти, рече Милошоски.

Националниот блок „Не отворам врата“ ги повика граѓаните да не ги пуштаат попишувачите дома, бидејќи сметаат дека пописот ќе биде фалсификуван.

Претходна вестИм треба ли курс за средување на документација, па барем вакцините на „Фајзер“ и „АстраЗенека“ да стигнат?
Следна вестПолицијата прекинала свадба со 300 гости во струмичко