Со барање да се исклучи јавноста денеска во во Кривичниот суд во Скопје започна судскиот процес против обвинетите за смртта на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес.
Јавната обвинителка пред воведните зборови истапи со предлог за исклучување на јавноста од целата главна расправа. Ова го побара поради заштита на приватниот живот на оштетената Зорица, мајка на починатото дете Вања Ѓорчевска.
Од страна на полномошникот на оштетената Зорица и сестрата на Вања Ѓорчевска поднесено е барање до Обвинителството за исклучување на јавноста од целата јавна расправа имајќи ги предвид, силното медиумско известување, кое медиумско известување придонесло кон продлабочување на болката и стравот кај мајката и сестрата на Вања.
Како докази за тоа доставила наоди дека медиумското известување ја продолжувало болката на Зорица Ѓорчевска, а ОЈО до Судскиот совет доставило психијатриски наоди за пост трауматско стресно растројство.
За првпат, во судница седна Љупчо Палевски-Палчо, првоосомничен како планер и реализатор на убиствата.
За првпат, во судница со Палчо, седна и Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања.
Претходно Основното јавно обвинителство Скопје најпрво поднесе обвинение против четири лица, а потоа и за првоосомничениот Љупчо Палевски за кого се чекаше екстрадиција од Турција, за двојното грабнување и свирепо убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес.
Основниот кривичен суд ги одобри во целост обвиненијата и на барање на Обвинителството денеска донесе одлука да ги спои во една постапка во која покрај Палевски, обвинети се и Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.
Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.
На 22.11.2023, обвинетиот заедно со уште тројца претходно обвинети заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Обвинетите отишле до куќата на оштетениот, физички го совладале и го врзале, а потоа го ставиле во багажникот и се упатиле до местото викано „Рудник“ во околината на Велес, каде од користољубие и на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот со огнено оружје – пиштол со калибар 9 милиметри.
На 27.11.2023, обвинетите, помогнати од обвинет родител, извршиле грабнување на девојчето во влезот од зграда на улицата „Наум Наумовски Борче“ во Скопје. Ја врзале и ја однеле во близина на местото викано „Дупки“, во атарот на селото Бразда, па таму на свиреп начин, со умисла ја убиле Вања.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.