Со работна вечера денеска започнува 30. министерски состанок на ОБСЕ во Скопје. Се очекува на состанокот во главниот град на Македонија да дојдат околу 70 делегации на земји членки на организацијата и партнери на ОБСЕ, претставени главно од министри за надворешни работи, а обезбеден е и чартер лет од Брисел за министрите учесници на Министерскиот состанок на НАТО, од каде ќе дојдат 20 официјални претставници од различни земји.
-Потврдено е присуството на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на работната вечера на која ќе се разговара за агресијата во Украина и функционалноста на ОБСЕ, соопшти министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи.
Дали и кога ќе пристигне рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров откако Македонија побара и Бугарија го отвори својот воздушен простор за рускиот авион, се уште е нејасно, како и дали и какви билатерални средби ќе има. Министрите за надворешни работи на Украина и Литванија, Летонија и Естонија ќе го бојкотираат состанокот на ОБСЕ во знак на протест против учеството на шефот на руската дипломатија. Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел најави дека ќе дојде во Скопје на состанокот на ОБСЕ, но нема да разговара со Лавров.
На состанокот треба да се избере следниот претседавач со ОБСЕ, а по ветото на Русија и Белорусија за Естонија, во понеделник беше постигнат консензус во Виена и Постојаниот совет на ОБСЕ, во кој членуваат 57 земји, одлучи Македонија да го предаде претседавањето со организацијата на Малта.
Во декември истекува мандатите на сите четворица извршни лидери на ОБСЕ – генералниот секретар, шефот на Канцеларијата за демократски институции и човекови права и претставниците за малцинствата и медиумите, а една од важните одлуки е поврзана на буџетот на организацијата, кој не е одобрен. Годишниот состанок е можност министрите за надворешни работи да ја разгледаат и оценат безбедносната состојба во евроатлантските и евроазиските области, како и работата на организацијата во сите нејзини сфери на активност.
За време на форумот се планирани споредни настани, дискусии на теми поврзани со влијанието на климатските промени врз безбедноста во регионот на ОБСЕ, младите и граѓанското општество, влијанието на теренските мисии на ОБСЕ во 2023 година, а во рамките на состанокот министрите за Надворешните работи на земјите од Западен Балкан ќе потпишат декларација за заедничка борба против корупцијата, со фокус на конфискација на имот и употреба на дигитализација.
Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) е најголемата регионална безбедносна организација која обединува 57 земји-учеснички од Европа, Северна Америка и Азија и дејствува како врска помеѓу европската и глобалната безбедност.
Основната функција на делување се заснова на предупредување, превенција на конфликти, управување со кризи и пост-конфликтно закрепнување. Организацијата овозможува безбедност и соработка преку трите главни димензии или области на работа: политичко–воената, хуманата и димензијата за економски прашања и заштита на животната средина. Една од специфичностите на нејзиното работење е што одлуките се носат со консензус. Во мрежата на европските безбедносни организации, ОБСЕ се издвојува по бројното членство кое ги вклучува евроатлантските и евроазиските компоненти, сеопфатниот мандат, флексибилната структура и обемните активности на терен. Активностите на ОБСЕ се насочени кон реализација на концептот на единствена и неделива безбедност во евроатлантскиот и евроазискиот простор.
За разлика од другите безбедносни организации (НАТО, ОН), ОБСЕ нема свои сили или средства за воспоставување мир и користи главно превентивна дипломатија која вклучува контрола на оружјето, зајакнување на довербата меѓу државите, следење на почитувањето на човековите права, слободата на медиумите, следење на изборите и мониторинг на економските и еколошките односи. Во втората половина на 1990-тите, мисиите и теренските операции во ЈИЕ Европа, Централна Азија и Кавказ станаа важна алатка на ОБСЕ, а е насочена и кон новите, современи закани за безбедноста (транснационални закани, организиран криминал). ОБСЕ вработува околу 3.600 луѓе, главно во своите теренски операции, но и во секретаријатот во Виена и нејзините институции. ОБСЕ има статус на набљудувач во Обединетите нации.
ОБСЕ го влече своето потекло од времето на детант во раните 1970-ти, кога беше создадена Конференцијата за безбедност и соработка во Европа (КЕБС) за да служи како мултилатерален форум за дијалог и преговори меѓу Истокот и Западот. Разговорите за формирање европско безбедносна тело почнаа да се водат уште во 1950-те, но Студената војна спречи каков било суштински напредок се до 1972 година. По двегодишни состаноци во Хелсинки и Женева, КЕБС постигна договор за Завршниот акт од Хелсинки, кој беше потпишан на 1 август 1975 година. Овој документ содржеше низа клучни обврски за политичко-воени, економски, еколошки и прашања за човековите права кои станаа централни во т.н. „Хелсиншки процес“. Исто така, беа воспоставени 10 основни принципи („Декалог“) кои го регулираат однесувањето на државите кон нивните граѓани, како и едни кон други.