Почнува Богородичниот пост

За православните христијански верници денеска почнува двонеделниот Богородичен пост, кој е посветен на Успението на Пресвета Богородица. Овој пост е востановен во молитвено сеќавање на Пресвета Богородица, а со цел во периодот на неговото времетраење уште поинтензивно да се изискува молитвеното застапништво од Пресветата Богомајка.

По својата временска должина тоа е најкраткиот од четирите годишни пости и трае 15 дена, односно секоја година започнува на денот на прославувањето на светите седум макавејци (1/14 август), а завршува на благденот Успение на Пресвета Богородица (15/28 август).  Сигурни сведоштва за оформувањето на Богородичниот пост најнапред наоѓаме во списите на Теодор Студит (IX век), а тој е конечно утврден од Светата Црква на Цариградскиот собор во 1166 година, иако верните уште многу векови порано пребивале во пост исчекувајќи го денот посветен на Успението на Богородица.

За време на постот, Црквата претпишува умерена употреба на храна и пијалоци, и притоа не мрсна, туку посна храна. Во Црковниот Типик, јасно е претставено и времето на употребување и видот на посната храна. Сè е строго предвидено, со цел, да ги ослаби во нас страсните движења на телото, возбудувани од обилната и сладосна храна на телото; Но така, за не целосно да ја раслабат нашата телесна природа, а – напротив – да ја направат лесна, силна и способна да се потчинува на движењата на духот и бодро да ги исполнува неговите барања.

Постот е неопходно средство за успех во духовниот живот и за здобивање на спасението, зашто постот, одземајќи ги од телото излишната храна и излишните пијалоци, ја ослабува силата на сетилните похоти. Оттука се гледа, дека и ползата од постот е многуразлична:

а) постот брзо и јасно му покажува на човекот, дека за неговиот живот е потребно малку, и дека неговото здравје не зависи од преобилна, туку од проста храна и напитоци;

б) постот многу брзо ги открива страстите и пороците кои господарат над човекот, кон кои што тој се прилепил со срцето, и кои неговото тело најмногу ги сака;

в) постот нè прави способни за молитва и размислување за Бога и Божественото. „Кој пости, тој со добар дух се моли“, – вели св. Јован Златоуст.

Уставот на Црквата нè учи, од што треба да се воздржуваме за време на постот – „сите, кои благочестиво постат, треба строго да ги пазат уставите за видот на храната, то ест, да се воздржуваат во постот од некои јадења, не како од скверни (да не се случи тоа), а како од неприлични во постот и забранети од Црквата. Храната, од која треба да се воздржуваат во постите е: месо, сирење, животинско масло, млеко, јајца, а понекогаш и риба, во зависност од разликите на светиот пост“.

Успенскиот пост, не е толку строг, како Великиот, но е построг од Петровиот и Божиќниот пост.

Во понеделник, среда и петок, манастирскиот типик за Успенскиот пост на Црквата, претпишува да се храниме со сухојадение, то ест, да се запазува најстрог пост, без готвење на храната; во вторник и четврток – „со варење на храната, но без елеј“, то ест, без масло; во сабота и недела се разрешува вино и елеј.

На празникот на Преображението Господово, по црковниот Типик, на трпезата се разрешува риба. Од тој ден, во понеделник, среда и петок, во храната задолжително влегувале плодовите од новиот род (берба).

Постот духовен тесно е поврзан со постот телесен, како што душата наша е соединета со телото, го проинкнува, оживува и со него прави едно цело; како што душата и телото сочинуваат еден жив човек. И затоа, постејќи телесно, истовремено, неопходно е да постиме и духовно: „Постејќи, браќа, телесно, да постиме и духовно, да ја прекинеме секоја врска со неправдата“, – заповеда Светата Црква.

Во телесниот пост, на прв план – е воздржување од обилна, вкусна и слатка храна; во постот духовен – воздржување од страсни, гревовни движења, кои ги насладуваат нашите чувствени склоности и пороци.  Таму – оставање на мрсната храна – похранлива, и употребување на храна посна – помалку хранлива; тука – напуштање на возљубените гревови и прегрешенија и вежбање во спротивните на нив добродетели.

Суштината на постот е изразена во следната црковна песна: „Постејќи од храна, душо моја, а од страстите не чистејќи се, – залудно се утешуваш со нејадење: зашто – ако постот не ти принесе исправување, намразена ќе бидеш од Бога, како растленета, и ќе се уподобиш на злите демони, кои никогаш не јадат“.

.

Претходна вестКоординација на скопските градоначалници, во фокусот актуелните состојби во главниот град
Следна вестСкопските градоначалници на координација околу актуелните состојби во главниот град