Почнува новата учебна година, дел од учениците без учебници, наставници со поголеми плати

За околу 255 илјади основци и средношколци и нивните наставници денеска започнува новата учебна година. Наставата ќе се реализира во отворени училишта и без антиковид протоколи и обврска за носење заштитни маски.  За учениците од второ и од петто одделение има нови наставни програми според Концепцијата за основно образование, која од лани се спроведува етапно.

На почетокот на новата учебна година, учебниците за прво, второ, четврто и петто одделение во основното образование се во фаза на одобрување. Во меѓувреме учениците ќе учат од, како што велат од Министерството за образование и наука, соодветни материјали.

– Сите постапки за одобрување на учебниците за прво, второ, четврто и петто одделение во основното образование за кои се изготвени нови наставни програми, се во различна завршна фаза на одобрување. На анонимниот конкурс дел од ракописите се избрани, но има и такви што се со забелешки од рецензентските комисии и треба да претрпат одредени измени или дополнувања. Откако авторите ќе ги имплементираат повторно, ракописот со измените се враќа кај рецензентите заради констатирање на измената. Така што, при евентуално пролонгирање на постапките и по стартот на учебната година, учениците ќе го совладуваат знаењето преку подготвени соодветни материјали, додека не ги добијат новите учебници, велат од МОН.

За другите одделенија, за кои важат старите наставни програми, како и за средното образование, учебниците ќе бидат навреме доставени. Учебниците од четврто и од погорните одделенија освен во печатен, ќе бидат достапни и во дигитален формат.

Учениците денеска ќе ги добијат и свидетелствата за ланскиот успех.

Министерот Јетон Шаќири вчера на прес-конференција истакна дека МОН е многу поподготвено од претходните години.

Наставниците, пак, со платата за септември ќе добијат зголемување од 15 отсто договорено меѓу МОН и СОНК по организираниот штрајк пролетта. Самостојниот синдикат за образование, наука и култура вчера ја објави потпишаната Спогодба за повисоки плати во основното и средното образование.

 

Претходна вестШаќири: Оваа учебна година ја почнуваме многу поподготвени
Следна вестСончево со мала облачност, попладне нестабилно