Пред Владата почна да се собираат граѓани со цел да протестираат по скандалозното интервју на премиерот Зоран Заев за бугарски медиум каде меѓу другото беше оспорена и македонската антифашистичка борба. На протест граѓаните беа повикани од ВМРО-ДПМНЕ за одбрана на Македонија и тие кои со возила во 18 часот тргнаа од СЦ „Борис Трајковски“ кон Влада.
Свој повик имаше и „Левица“ и „Бојкотирам“ кои како што нагласија ги повикуваат граѓаните пред Владата во одбрана на АСНОМ-ските вредности и антифашистичката борба врз кои се поставени темелите на современата македонска држава.
-Излегов на протестот од револт што се распарчува се што е македонско, а најмногу поради продавањето на нашиот македонски идентитет, ни изјави млад скопјанец кој е пред Владата.
Друг граѓанин само ни кажа дека воопшто не му е важно кој го организира протестот, важно му е да се прати порака дека Македонија има црвени линии.
Од она што можевме до сега да видиме, пред Владата е поставено озвучување, но засега нема говорници. Првите возила од колоната на ВМРО-ДПМНЕ стигнува пред Владата.
За посетување, денеска Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ги вовика граѓаните на протест со зборовите:
-Протест сега, за да не биде предоцна! Ако нашите дедовци од 1941 до 1944 година се бореле против „администрација” како што манипулира Заев, тогаш тоа нив ги прави „терористи” и „престапници”, а не ослободители. Не! Нашата слобода е дело на народната борба против окупаторот, со многу жртви, падови и победи. АСНОМ е вториот Илинден, а Народноослободителната борба е дел од европската борба за слободни народи. Македонија е за пријателство, но пријателството значи взаемно почитување, порача Мицкоски.
Повик до граѓаните за протест кој ќе започне во 18.30 часот пред зградата на Владата денеска на Фејсбук сподели пратеникот и лидер на партијата „Левица“ Димитар Апасиев. Во споделената објава се наведува дека домаќин е „Бојкотирам“ и дека е посветен на одбрана на АСНОМ-ските врендости и на македонската антифашистичка борба.
–Во одбрана на АСНОМ-ските вредности и антифашистичката борба врз кои се поставени темелите на современата македонска држава. Македонскиот народ бил на правилната страна на историјата, давајќи бројни жртви во борбата против бугарскиот окупатор и затоа не дозволуваме да бидеме уценувани, понижувани и негирани од оние кои треба да се извинат за своите злосторства! Ниту една привремена Влада поставена од надворешни групи на интерес нема право да преговара и договара за децениската жртва и придобивките тешко издвојувани. Бараме оставка од квислиншата влада и прекин на преговорите кои се водат единствено на штета на Република Македонија. За достоинството на народот не се преговара!