Прашањето кога би можела да се одржи пленарна собраниска седница за Информацијата за содржината на предлог – преговарачката рамка за пристапните преговори на Македонија со ЕУ се очекува да биде главна тема на денешната редовна понеделничка координација во Собранието. Претседателот на Собранието Талат Џафери неодамна изјави дека за тоа кога ќе биде закажана седницата на чиј дневен ред би била Информацијата ќе се разговара на координацијата в понеделник на која како владин претставник ќе присуствува вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ.
-Во понеделник имаме координација на која ќе присуствува и владиниот претставник и ќе разговараме. Ќе се направи проценка. Материјалот е дојден во Собранието, но во понеделник треба да почне седницата за ребалансот на Буџетот, изјави Џафери.
Од друга страна координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски утринава изјави дека на денешната координација ќе побараат да се врати информацијата што ја испрати Владата како нецелосен материјал и да не се нарушува дигнитетот на Собранието со еден ваков документ.
– Листот хартија што Владата го нарекува Информација за содржината на Предлог преговарачката рамка за преговори помеѓу Македонија и ЕУ е крајно непочитување на нас пратениците. Не може со еден лист хартија да се дискутира за најважната работа во државата во наредните десетина години. Тоа е класична деградација на интегритетот и интелектот на секој пратеник. Денес повторно ќе побарам овој лист хартија со допис, да се врати во Владата и да се потенцира дека за меѓувладината конференција одлучува Владата и истата да не се крие зад пратениците барајќи некаква одлука од Собранието. Дополнително, бараме под итно да се достави македонско-бугарскиот протокол, кој што претставува најважен документ во овој процес и кој што е клучен документ врз кој ќе се договараат правилата на игра помеѓу двете земји во наредниот период, потенцира Мицевски.
Тој предупреди дека доколку Џафери и парламетарното мнозинство ги заобиколат и изиграат собраниските процедури, „одоговорноста за ситуацијата во која ќе се најде државата ќе биде на Талат Џафери, Владата и пратениците од парламентарното мнозинство“.