Истрага поради основано сомневање дека запалил автомобил на друг граѓанин и поседување на нелегално оружје е покрената против 36-годишно лице од страна на јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје. Лицето е осомничено дека сторило две кривични дела – Тешки дела против општата сигурност според член 292 став 1 во врска со член 288 став 1, како и Недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 1 од Кривичниот законик. Се бара и да му се изрекне мерка притвор.
-На 4 јануари, на улицата „Јабланица“ во Скопје, осомничениот полеал паркиран автомобил „Ауди“ со запалива дериватна течност и со запалка ја активирал. Со ова тој предизвикал силна експлозија и целосно опожарување на автомобилот со штета во вредност од 450.000 денари, како и делумно опожарување на автомобил „Форд мондео“, кај кој била предизвикана штета од 10.000 денари. По експлозијата, сопственикот на автомобилот Ауди излегол на терасата од неговата куќа и го забележал осомничениот како бега од местото, се наведува во соопштението на Обвинителството.
Фото: Архива