Две лица се обвинети за случајот „Јавна соба“, соопшти денеска Јавното обвинителство Скопје. Лицата на возраст од 32 и 21 година, се товарат за кривично дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија, предвидено во член 193-а став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Во денешното соопштение на Обвинителството се наведува дека во периодот од 19.12.2019 година до 28.01.2020 година, двајцата обвинети, како основач и модератор на групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм, биле должни да се грижат за содржината на текстуалните и аудио-визуелните содржини кои се споделуваат од членовите на групата.
-Но, тие со умисла дозволиле на групата да се направи достапна содржина – аудио-визуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете, се наведува во информацијата.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд – Скопје достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за двајцата обвинети.
Во соопштението се наведува дека на социјалната мрежа „Телеграм“ оваа група веќе е згасната, а Обвинителството во овој предмет поведе постапка за ова кривично дело, бидејќи во текот на предистрагата беа обезбедени материјални докази кои упатуваат токму на оваа правна квалификација.
Инаку, предметот во јавноста познат како „Јавна соба 2“ е во фаза на предистражна постапка. Основното јавно обвинителство Скопје преку Министерството за внатрешни работи на 27.01.2021 година се обрати до Меѓународниот сервис провајдер за услуги – Телеграм, за да ги добие реалните податоци за корисничките профили на креаторите, администраторите и членовите на групата.