На 31 мај истекува законскиот рок за потврда или корекција на Годишните даночни пријави (ГДП) за доходот што го оствариле во текот на 2020 година.
Заклучно со овој рок, даночните обврзници кои се регистрирани на системот е-Персонален данок преку своите кориснички профили имаат можност да го менуваат статусот на пријавата, односно да ја потврдат или да ја коригираат.
По истекот на законскиот рок, годишните даночни пријави ќе добијат статус на конечни даночни пријави. На 1 јуни службено ќе бидат потврдени и Годишните даночни пријави кои ниту се потврдени ниту коригирани, велат од УЈП.
Годишната даночна пријава којашто граѓанинот ја коригирал, а добила статус на конечна даночна пријава ќе треба да биде одобрена од службено лице на Управата за јавни приходи. Доколку службеното лице не ја одобри коригираната даночна пријава ќе се донесе решение за утврдување на данокот на личен доход за 2020 година. Кај граѓаните кај кои се појавува обврска за доплата ќе се генерира налог за доплата, кој се наоѓа во самата даночна пријава (во прозорче печати).