Покачените цени за осигурување за регистрација на возила одат во рикверц

Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност во Министерството за финансии одлучи да се укине поскапувањето на полисите за автоодговорност со што се враќаат старите цени. Ова е епилогот по денешниот нов состанок во Министерството, откако осигурителните компании самоиницијативно ја поскапеа задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила за 15,4 отсто.

Комисијата предлага измени на Тарифата за премии за осигурување со кои трошоците за вршење дејност на осигурителните компании се ограничуваат на 15 до 30 отсто од техничката премија, со што ќе се вратат старите цени.

– Предложените измени се насока на утврдување на опсег од 15 отсто до 30 проценти, во кој друштвата за осигурување можат да го определат делот на премијата за вршење дејност на осигурување од автомобилска одговорност, а за секој износ на овие трошоци над 30 отсто, да побараат претходна согласност од Агенцијата за супервизија на осигурување. Ова значи враќање на цената на осигурувањето од автоодговорност на ниво од пред 25 април 2024 година. Дополнително беше утврдено дека Комисијата најдоцна до 30 септември секоја година до Владата да доставува предлог за минимална и максимална стапка на техничка премија за осигурување за следната година, се наведува во соопштението од Министерството за финансии.

Предлог-одлуката на Комисијата, како што информира Министерството за финансии, е доставена на усвојување до Владата.

Одлуката се заснова на анализата на Агенцијата за супервизија на осигурувањето со која се укажува дека на 23 април, 11 друштва за осигурување кои вршат работи на осигурување во групата на неживотно осигурување, доставиле известувања до АСО за донесени одлуки за зголемување на премиите за задолжително осигурување од автоодоговорност, при што се повикале на одредбите од тарифата на премии за осигурување од АО, објавена во „Службен весник на РМ“ број 191/2018, според кои одредби имаат можност самостојно да одлучат за висината на делот од премијата за спроведување на дејноста, односно т.н. режиски додаток при одредувањето на крајната премија по договор за осигурување – член 3 од тарифата.

– Притоа, известувањата на друштвата до АСО не содржат финансиски анализи за изминати периоди, ниту пак конкретни проекции за очекуван развој на ризиците кои ги преземаат во осигурување. Единствен аргумент, на кој се повикуваат друштвата за осигурување се растечките трошоци од работење, кои не се непосредно поврзани со настанување на ризиците, односно со настанатите и очекуваните штети, се појаснува во соопштението.

Претходна вестЗа ЗНАМ приоритет е професионализација и департизација на армијата и полицијата, решавање на статусот на професионалните војници
Следна вестТурски ,,Јилдирим” го купи поранешно ,,Фени” од Кавадарци, работниците сукцесивно треба да се враќаат на работа