Покротко на сообраќајниците, сите ќе стигнете дома на време

Полека долгиот празничен викенд привршува. Многумина го искористија за да прошетаат надвор од своите населби. Попладнево, вечерва и утре наутро се очекува да има поголеми раздвижувања на сообраќајниците низ Македонија.

Празнувањето треба убаво да заврши. А еден од условите за тоа е да се вози според прописите и така без проблеми да се стигне дома или до посакуваните дестинации.

Опомена дека треба да биде така нека бидат и неколкуте страшни сообраќајки кои се случија викендов. На голема жалост – три лица го загубија животот.

Денеска на експресниот пат Штип-Кочани, во близина на с.Крупиште, патничко возило „Рено Лагуна“ со скопски регистарски ознаки, управувано од С.М.(34) од Скопје, излетало надвор од коловозот. По несреќата, возачот и сопатниците, И.М.(39) од Скопје и двајца малолетници биле пренесени во Клиничка болница Штип, каде што кај И.М. била констатирана смрт, додека кај возачот и малолетниците биле констатирани телесни повреди.

Завчера на магистрален пат А-4, на излез од Радовиш кон Штип, се случи сообраќајна несреќа меѓу патничко возило „Пасат“ со радовишки регистарски ознаки, управувано од М.Л.(27) од Радовиш и патничко возило „Опел“ со пробни регистарски таблички, управувано од Ж.Г.(49) од Радовиш. На местото на несреќата починале возачите на двете возила, додека Ј.Г.(41), сопатничка од Опелот, се здобила со тешки телесни повреди.

Мора да се биде повнимателен и поодговорен на сообраќајниците. Брзото возење е една од најчестите причини за сообраќајќи. Тоа да се има на ум и при денешново возење. Сепак најважно е да се стигне безбедно до посакуваната дестинација.

Да, има збеснати возачи кои не му ја мислат многу. Заради таквите денеска треба да има и повеќе распоредени полициски контроли по патиштата.

 

Претходна вестРистовски кон навивачите на Ријека: Не ве мразам, но ја загубивте мојата почит
Следна вестДимитриевски: Во Влада да, но без ДУИ и со јасни црвени линии за заштита на идентитетот и државните интереси